Во текот на минатата недела, царинските службеници открија две измами, еден обид за криумчарење дрога и повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани парфеми, тоалетни води, медицински реагенси и материјали, техничка стока, оптички леќи, делови за хидранти, автоделови, регистарски таблички, хербициди и фалсификати.
Поголеми количини нароктици, марихуана и амфетамин биле откриени кај двајца чешки државјани.

Вкупно 200 делови за хидранти (црева, вентили и млазници) биле откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените делови, пронајдени во багажникот и на задното седиште на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.
Два употребувани бандажи AMG со гуми, за автомобил Mercedes МL 270, и 7 автоделови (водна пумпа, сет ремени со затегачи и бош пумпа) биле откриени при контрола на италијански автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во багажниот простор покриени со кебе и неколку кутии со лични работи, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Вкупно 18 литри хербицид Глифол биле откриени при контрола на српски автобус што сообраќал на релација Белград – Скопје, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените хербициди, пронајдени во просторот за рачен багаж во патничкиот дел од автобусот, се привремено задржани, а против сопственикот, македонски државјанин кој патувал со автобусот, е поведена прекршочна постапка.


