Владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган поднесе предлог-закон до парламентот со кој ќе им се забрани на децата под 15 години пристап до социјалните медиуми.
Според предлогот, социјалните мрежи ќе бидат обврзани да постават системи за проверка на возраста и да понудат алатки за родителска контрола за заштита на децата во дигиталниот свет, објавува Ројтерс.
На децата над 15 години ќе им бидат обезбедени посебни безбедносни услуги, а штетната содржина ќе биде отстранета во рок од еден час во итни ситуации.
Непочитувањето на законот може да резултира со казни до три проценти од глобалните приходи на компанијата или ограничувања на пристапот до интернет.
Новите прописи важат и за странските дистрибутери на видео игри, кои ќе мора да ја наведат староста на своите производи.
Заменик-шефот на пратеничката група на АКП, Лејла Сахин Уста, изјави дека платформите ќе имаат шест месеци да се прилагодат на законот.
Турција веќе строго ги регулира социјалните медиуми и брзо воведува забрани за пристап и отстранување на содржини, моментално блокирајќи околу 1,2 милиони страници и објави, според извештајот на локалниот надзорник за цензура IFOD.
Со законот, Турција го следи примерот на Австралија и неколку европски земји кои воведоа или размислуваат за слични ограничувања поради растечките загрижености за влијанието на социјалните медиуми врз здравјето и безбедноста на децата.

