Конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави и Израел против Иран може да предизвика значителен скок на инфлацијата во Еврозоната и забавен економски раст, предупреди главниот економист на Европската централна банка (ЕЦБ) Филип Лејн во интервју за Фајненшл тајмс.
„Зголемувањето на цените на енергијата врши притисок врз инфлацијата, особено на краток рок, а таков конфликт би бил негативен за економската активност“, рече Лејн, додавајќи дека обемот на влијанието би зависи од ширината и времетраењето на конфликтот.
Претходните анализи на ЕЦБ покажуваат дека одржливиот скок на цените на нафтата, каков што веќе се забележува поради воените дејствија, би можел да ја зголеми инфлацијата за околу 0,5 процентни поени и да го намали растот за 0,1 процентен поен.
Цените на нафтата пораснаа за повеќе од 10 проценти минатата недела поради ескалацијата на конфликтите во регионот.
Инфлацијата во еврозоната моментално изнесува 1,7 проценти, под целта од два процента на ЕЦБ, што укажува дека мал скок на цените на енергијата веројатно нема да предизвика непосредни промени во монетарната политика.
Лејн додаде дека ЕЦБ се стреми да гледа подалеку од краткорочните осцилации на цените на енергијата, сè додека тие не влијаат на долгорочните инфлациски очекувања и базичната инфлација.
Пазарите во моментов очекуваат депозитната стапка на ЕЦБ да остане на два проценти во текот на целата година.

