Аеродромот во кипарскиот град Пафос беше привремено евакуиран, а летовите беа суспендирани поради појава на сомнителен дрон во близина на тој аеродром.
По добивањето на веста за појавата на дрон, кој беше поврзан со нападот врз британската воздухопловна база во Акротири на Кипар, локалните власти наредија евакуација на аеродромот, суспендирање на летовите и евакуација на околните градови Мандрија, Тими и Анарита од превентивни причини, објавува кипарскиот портал „Репортер“.
Во исто време, „ИзиЏет“ објави откажување на сите свои закажани летови од Велика Британија до Кипар до четврток, наведувајќи оперативни причини.
Во меѓувреме, и откако беа пресретнати два нови дрона кои се движеа кон Кипар, властите издадоа наредба вработените да се вратат на своите работни места, а воздушниот сообраќај да се нормализира, објавува порталот „Пафос нет“.
Кипарските власти претходно денес објавија дека британската воздухопловна база во Акротири на Кипар била нападната од дрон кратко по полноќ, предизвикувајќи ограничена штета.
После тоа, уште два беспилотни летала полетаа во правец на британската воздухопловна база Акротири на Кипар, но беа „соборени на време“, пренесува Танјуг.

