Нов пораз за МКК Куманово, овој пат од Феникс

Сподели со своите пријатели

Екипата на Феникс 2010 го приреди едно од поголемите изненадувања во 14. коло од кошаркарската „МТЕЛ“ Супер лига, откако како домаќин славеше минимална победа над МКК Куманово со 86:84, остварувајќи го својот шести триумф во шампионатот.

Гостите од Куманово подобро го отворија натпреварот и рано поведоа со 16:8, наметнувајќи го своето темпо.

Иако Феникс 2010 успеа да ја намали разликата, првата четвртина целосно им припадна на „сино-белите“, кои ја завршија со убедливи 28:19. Во тој период се истакна Митевски, кој реализираше максимално прецизно, постигнувајќи 12 поени без промашување.

Сосема поинаква слика се виде во втората четвртина.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановската Гимназија одбележа 154 години од раѓањето на Гоце Делчев (ФОТО)

Домаќините, со значително освежен ростер во кој дебитираа Лука Савиќевиќ и Карло Блажевски, одиграа мошне ефикасно во нападот.

Феникс 2010 постигна дури 30 поени за десет минути, направи целосен пресврт и на полувремето замина со предност од 49:41. Волканоски и Дајсон беа најефикасни кај домашните со по 11 поени, додека кај Куманово Митевски имаше 16, а Радукиќ 10 поени.

Во третиот период следеше нов пресврт, овојпат во режија на гостите. Кумановци ја анулираа негативата и повторно поведоа, прво со 63:62, а во последната четвртина ја зголемија разликата и до 75:68, ставајќи се во поволна позиција за победа.

Сепак, Феникс 2010 не се предаде.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Општина Куманово објави јавен повик за членство во Локалното собрание на млади

Со серија на успешни напади и тројка на Савиќевиќ, домаќините се вратија на само еден посед заостанување (74:77), а потоа и целосно го презедоа водството, поведувајќи со 85:82.

Во драматичната завршница, Луковиќ реализираше две слободни фрлања за Куманово и намали на 84:85, но Метјус беше прецизен од линијата за слободни фрлања за конечни 86:84.

Во последниот напад, гостите направија грешка и не успеаја да изборат продолжение.

Кај Феникс 2010, дури петмина кошаркари постигнаа двоцифрен број поени. Метјус и Дајсон беа најефикасни со по 18 поени, Ниах додаде 12, додека Волканоски и Савиќевиќ завршија со по 11 поени.

Во редовите на МКК Куманово, Митевски се истакна со 26 поени, шест скока и три асистенции, Радукиќ постигна 21 поен со шест скока и четири додавања, Стевановиќ реализираше 20 поени, а Луковиќ натпреварот го заврши со 11 поени и седум скока.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Илина од Куманово ќе ја претставува Македонија на Европска математичка олимпијада (ВИДЕО)

Никола Ивановски