Невработеноста во Австрија се искачи на 8,8 проценти, највисока во речиси пет години

Сподели со своите пријатели

Стапката на регистрирана невработеност во Австрија, според прелиминарните податоци, се зголеми од 8,4 проценти во декември на 8,8 проценти во јануари, што е највисоко ниво во речиси пет години, од март 2021 година, покажаа податоците објавени денес од страна на заводот за вработување на земјата (AMS).

Во Австрија, на крајот на јануари, вкупно 456.192 лица биле невработени или посетувале програми за обука и преквалификација, што е за 2,4 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година, или за 10.679 лица повеќе, објавува виенскиот весник „Пресе“.

Бројот на невработени лица во Австрија изнесувал 379.771, што претставува зголемување од 14.025 лица на годишно ниво и за 16.765 во споредба со декември 2025 година.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Германците пијат сè помалку пиво: Продажбата на најниско ниво во последните 32 години

Податоците на AMS покажуваат дека стапката на невработеност се зголемила и кај жените, на 7,3 проценти, и кај мажите, на 10,2 проценти.

Особено силен раст е забележан кај лицата над 50 години, каде што бројот на невработени се зголеми за 4,3 проценти на годишно ниво.

Пазарот на трудот, во исто време, покажува знаци на слабеење на побарувачката за работна сила, бидејќи бројот на отворени работни места се намали за 10,5 проценти во споредба со минатата година.

AMS предупредува дека „најниската точка сè уште не е целосно достигната“, што укажува дека притисоците врз пазарот на трудот би можеле да продолжат и во наредните месеци.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Иран ги повика амбасадорите на земјите од ЕУ на протест

„Пазарот на трудот е сè уште под влијание на слабата економија, но во исто време покажува почетни знаци на стабилизација“, изјави австриската министерка за труд и социјални работи, Корина Шуман, пренесува Танјуг.

Австриската економија излезе од рецесија во 2025 година, а во оваа година Австрискиот институт за економски истражувања (WIFO) и Институтот за напредни студии (IHS) прогнозираат мал раст од 0,5 проценти.