Во Куманово синоќа беа промовирани книгите „Светот на аутизмот“ и „Ангелот по име Аутизам“, авторски дела на психологот и духовен психотерапевт Амела Мемиш Апостоловска. Настанот беше посетен од бројни граѓани, стручни лица и претставници на јавноста.
Книгите се фокусираат на темата аутизам, нудејќи психолошки, личен и општествен пристап кон разбирањето на состојбата, како и кон предизвиците со кои се соочуваат лицата со аутизам и нивните семејства. Авторката истакна дека целта на изданијата е да придонесат кон поголема информираност, емпатија и прифаќање во општеството.
На настанот се обрати и Леон Мемиш Апостоловски, лице со аутизам и активен јавен застапник за правата на лицата со аутизам, кој говореше за личното искуство и значењето на поддршката и инклузијата.
Стручен осврт на делата даде промоторката Тања Јовановска, дипломиран психолог, која ја нагласи улогата на ваквата литература во процесите на едукација и намалување на стигмата поврзана со аутизмот.
Промоцијата ја водеше Андреа Мемиш Апостоловска, правник по професија, а настанот помина во мирна и достоинствена атмосфера, со порака за значењето на различноста и потребата од поголема општествена свесност за аутизмот.
Никола Ивановски

