„Везилка“ – Изложба на Јана Јакимовска во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово во четврток од 19 часот ќе биде отворена изложбата „Везилка“ на авторката Јана Јакимовска. Изложбата содржи 7 слики и дваесетина цртежи од најновата продукција на Јакимовска.

Јана Јакимовска е родена во Скопје, каде дипломира и магистрира на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ. Се занимава со сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн. Во фокусот на нејзиното неодамнешно творештво преовладува телото, себството, сексуалноста, општествената позиција на жената. Имала 25 самостојни претставувања во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово, Кичево и Штип. Учествувала на повеќе од 100 групни изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Северна Македонија. Учествувала на повеќе симпозиуми и ликовни колонии во земјава и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди. Работи како редовен професор од областа сликање и сликарски техники на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведени три лица во Куманово: Украле чанта и паричник

За изложбата “Везилка“ д-р Ана Франговска, историчар на уметноста,  ќе запише:

…“ Проектот Везилка на Јана Јакимовска е замислен како визуелен и теоретски премостувач меѓу традицијата и современоста, меѓу културната меморија и дигиталниот сегашен момент, меѓу „женската рака“ и „машката историја“. Со него, Јакимовска се надоврзува врз силната метафора од истоимената песна на Блаже Конески (1955), која годинава одбележува 70 години од нејзиното создавање. Кај Конески, везилката е жената која во мрежата од конец и игла внесува историја, идентитет и културна меморија. Кај Јакимовска, таа улога се радикализира: везот станува критичка стратегија, алатка за преиспитување на општествените улоги на жената, за проблематизирање на нејзината видливост, рамноправност и општествена моќ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Од полноќ нови цени на дел од нафтените деривати

Јакимовска ја превртува парадигмата на тивката, послушна везилка во фигура на современа уметница што „везе“ критика. Ако нашите прабаби во шевовите вградувале кодови на национална и класна борба, денешната везилка вплетува дилеми за приватното и јавното, за мајчинството и кариерата, за објектификацијата и слободата, за гласната и тивката борба против насилството. Овие дела не се сентиментален омаж на традицијата, туку радикално преосмислување на нејзиниот јазик – она што Џулија Кристева би го нарекла интертекстуална женска траекторија, каде што минатото станува ресурс за критика на сегашноста. (Kristeva, 1980)

Везот како медиум и метафора

Цртежите и сликите од циклусот Везилка (2023–2025) се формално минималистички: редуцирана палета (црна, црвена, бела, со акценти на розова и сива), геометризирани форми, ритам од квадратчиња кои асоцираат и на традиционален вез и на дигитални пиксели. Рабиц-мрежата што ја користи авторката како шаблон претставува мост помеѓу рачната работа и индустриската, помеѓу архаичниот занает и современата технологија. Таа пикселизација на везот отвора можност за дијалог со дигиталната култура – од glitch-естетиката до визуелната економија на екраните.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Завршницата на кошаркарскиот Куп на Македонија ќе се игра во Куманово

Цртежите се плакатски по својот карактер, со строга, црна линија и нагласена празнина на површината, каде текстуалните натписи ја засилуваат критичката порака. Во кроки-цртежот на женското тело, еротската линија не функционира како објектификација, туку како реполитизација на телото. Тука може да се повлече паралела со Сузан Бордо, која пишува за телото како културен текст, подложен на контрола, сексуализација, но и на отпор. (Bordo, 1993) “…

Изложбата ќе биде поставена до 12.02.2026 .