Снегот и мразот предизвикаа сериозни прекини во утринскиот сообраќај низ цела Германија, додека во некои делови од земјата, јавниот превоз и наставата во училиштата беа прекинати, објавија надлежните служби.
Според податоците на Германската метеоролошка служба (DWD), обилни снежни врнежи и замрзнат дожд ги погодија особено југот и истокот од земјата, додека на север наставата беше откажана во неколку области.
Во некои региони, наврнаа до 25 сантиметри нов снег, а на исток од недела вечерта е издадено предупредување за „опасност по животот и здравјето“ поради ледените услови, објавува Welt.
Во Берлин, трамвајскиот сообраќај беше прекинат утрово поради замрзнати надземни водови, објави градската транспортна компанија, препорачувајќи им на граѓаните да го користат метрото, градските возови и автобусите.
Во округот Штендал во Саксонија-Анхалт, целиот јавен превоз беше привремено прекинат.
Во северна Германија, во делови од Долна Саксонија, вклучувајќи ги окрузите Целе, Гифхорн, Хамелн-Пирмонт и Хелмштет, наставата беше откажана поради снег и лизгави патишта.
Локалните власти велат дека временските услови брзо се влошиле, а некои автобуси не можеле да сообраќаат.
На југот од земјата, особено во Баден-Виртемберг и Баварија, обилните снежни врнежи доведоа до голем број сообраќајни несреќи и застои.
Во близина на Улм, полицијата регистрираше повеќе од 50 несреќи до утрото, додека во областа на Ројтлинген беа регистрирани повеќе од 100 несреќи, во кои едно дете беше полесно повредено. Материјалната штета се мери во стотици илјади евра.
Во источните делови на земјата, вклучувајќи ги Берлин, Бранденбург и Мекленбург-Западна Померанија, мразот и снегот го отежнуваат патниот и железничкиот сообраќај.
Метеоролозите предупредуваат дека снежните врнежи ќе продолжат во текот на денот, со можност за нови проблеми во сообраќајот.
Во западните региони на Германија, снежните врнежи беа помалку интензивни, но тешкотии беа забележани и таму во утринскиот шпиц, особено на автопатите во Северна Рајна-Вестфалија, каде што возилата се движат бавно.

