Потпишувањето на планот за закрепнување на Украина, кој беше планиран на Светскиот економски форум во Давос, е одложено, дознава „Фајненшл тајмс“.
Планираното објавување на „план за просперитет“ од 800 милијарди долари, кој треба да се договори и потпише меѓу Украина, Европа и САД на Светскиот економски форум во Давос оваа недела, е одложено, според шест функционери, кои зборуваа под услов да останат анонимни.
Причината за одложувањето, според овие функционери, е длабокото несогласување меѓу европските земји и Вашингтон околу Гренланд и предложениот Комитет за мир со кој претседава американскиот претседател Доналд Трамп, кој би се занимавал со следење на Газа и други глобални конфликти.
„Сè уште нема потпишување“, рече еден од функционерите.
Друг рече дека европските престолнини не можат едноставно да ги игнорираат постапките на американскиот претседател во врска со Гренланд, додека се обидуваат да постигнат напредок по други прашања поврзани со предлозите на Трамп, како што е Украина.
„Никој не е расположен да прави голем спектакл од договор со Трамп во овој момент“, рече трет функционер, додавајќи дека контроверзиите околу Гренланд и Комитетот за мир го „засениле“ претходно планираниот фокус на Украина на состанокот во Давос.
„Планот за просперитет“ за Украина не е одложен на неодредено време, рекоа шест функционери, и би можел да биде потпишан подоцна.
Трамп се закани дека ќе воведе царини за осум европски сојузници на НАТО како одговор на нивната одлука да испратат трупи на данскиот арктички остров Гренланд за воена вежба, предизвикувајќи го она што европските функционери го опишуваат како најсериозната трансатлантска криза во последните децении.
Тој, исто така, ги вознемири европските престолнини повикувајќи ги да се приклучат на предложениот Комитет за мир, за кој многумина во Европа стравуваат дека е наменет да ги маргинализира ОН како форум за посредување во глобалните конфликти.
Повеќето земји од ЕУ ги отфрлија поканите, а одлуката да се покани рускиот претседател Владимир Путин во комитетот ги продлабочува постојните загрижености во врска со предлогот, според извори запознаени со одлуките, според Фајненшл тајмс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека ќе оди на Светскиот економски форум во Давос само ако таму можат да се постигнат конкретни резултати.
Светскиот економски форум се одржува во Давос од 19 до 23 јануари.
Трамп треба да се обрати на форумот денес во 14:30 часот по средноевропско време.

