Оставка од директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова, денеска во Куманово на протест побараа печалбарите од Авганистан и Ирак.
Како што велат не се политички ориентирани, туку само инсистираат на исполнување на нивните барања.
– Јавно барамe оставка од директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова и бараме кривична одговорност за пропустите што се направени во изминатите години. Истовремено јавно ја демантираме изјавата на директорката дадена во емисија на телевизија Телма во која тврдеше дека сите сме добиле даночни решенија уште во 2020 и 2021, дека сме биле навремено известени и дека сме ги ингорирале обврските и одбивале да платиме данок. Тоа е невистина, изјави Зоран Наковски во име на присутните на протестот.

Тој пораче директорката да дојде и пред медиумите да докаже дека добиле документ во 2020 и 2021 година.
– Таков документ не постои, затоа што ние никгогаш не сме добиле такво известување. Логиката е едноставна, доколку сме добиле решение уште тогаш, денес ќе имавме блокирани сметки, присилна наплата и камати за сите овие години. Тоа не се случиле затоа што решение немало, вели Наковски.

Тие ги повторија своите барања, стонирање на издадените решенија, затоа што како велат, доставиле докази од фирмите за платен данок, а во наредните денови ќе добијат официјални документи од даночното одделение од Ирак и другите држави.
– Не прифаќаме да одиме по судови, да правиме непотребни трошоци, да се влечеме низ постапките з атуѓи институционални пропусти, порача Наковски.

Ова е шести пат, печалбарите од Куманово да протестираат пред зградата на УЈП Куманово.
Остануваат на другите барања, меѓу кои УЈП по службена должност да обезбеди потврди од даночните служби на Ирак и Авганистан, оти тие сами не можат да одат таму за да добијат таков документ.

Протестите продолжуваат најмалку до петок, при што ќе биде блокирана крстосницата пред УЈП Куманово во период од 14 до 16 часот.



Никола Ивановски

