Општина Куманово и во 2026 година продолжува со мерките за поддршка на социјално ранливите категории граѓани, преку субвенционирање на дел од трошоците за комунални услуги.
Мерката е насочена кон олеснување на финансискиот товар на домаќинствата кои се соочуваат со тешка социјална и економска состојба, а се спроведува согласно донесената одлука објавена во „Службен гласник на Општина Куманово“.
Право на субвенции ќе имаат стечајни работници без право на материјално обезбедување, самохрани родители, згрижувачки семејства, лица кои како деца биле без родители и родителска грижа, приматели на социјална сигурност за стари лица, лица со попреченост, деца со специфични потреби, како и приматели на гарантирана минимална помош кои живеат под наем.
Субвенционирањето се однесува на трошоците за услуги од ЈП „Водовод“ и ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово, а за секоја категорија граѓани е предвидена соодветна документација која треба да се достави со барањето.
Барањата може да се подигнат во зградата на поранешен АД „Козјак“, во Одделението за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, како и електронски, а со целокупната документација се поднесуваат до Архивата на Општина Куманово во периодот од 12 јануари до 12 февруари 2026 година.
Од Општината потсетуваат дека за малолетни лица барањата ги пополнува родителот или старателот, а дополнителни информации граѓаните можат да добијат на телефонскиот број 075/323-569, секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот.

