Во организација на Друштвото на писатели – Куманово, вчеравечер во Занаетчискиот дом беше одржана промоција на првата аудио книга со наслов „Божиќен стихозбир“.

Настанот привлече голем број посетители и љубители на литературата и празничната култура.
Присутните имаа можност да проследат видео-презентација посветена на активностите околу организацијата на проектот, како и моменти од пристигнувањето на традиционалната Бадникова поворка на градскиот плоштад, кога стотици деца го најавуваат Христовото раѓање.

На промоцијата се обрати Елизабета Павловска, претседателка на Друштвото на писатели – Куманово, која го истакна задоволството од големиот интерес и активното учество на учениците во создавањето на празничните творби, нагласувајќи дека токму нивниот труд и креативност се темелот на овој проект.

Во рамки на настанот, согласно третиот конкурс по повод Божиќ, беа доделени признанија и симболични награди за најдобрите Божиќни творби на ученици од општинските основни и средни училишта.

Воедно, беа врачени и благодарници на сите учесници и соработници кои придонесоа за создавањето на аудио книгата и реализацијата на овој традиционален културен проект.

Културно-уметничката програма беше збогатена со настап на членовите на хорот при УОМО „Панче Пешев“, кои изведоа Божиќни песни – каланди.



Никола Ивановски

