Печалбарите од Ирак и Авганистан на предупредувачки протест пред УЈП (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Граѓаните од Куманово кои во изминатите години работеле низ американските бази во Ирак и Авганистан денеска протестираа пред зградата на Управата за јавни приходи во Куманово.

 

 

Тие се гневни оти на нивните адреси почнаа да пристигнуваат решенија за ретроактивно наплатување данок од платите кои ги заработувале на Блискиот исток. Иако нема точна бројка за колку лица станува збор, се претпоставува дека се меѓу три и четири илјади.

– Jасно кажуваме ние не бегаме од даноци, а не сме и против плаќање на даноци, но нема да прифатиме неправда, селективни примени на закон и уцени спакувани како информативни пресметки и решенија. Во изминатите две-три недели УЈП не контактираше сите нас, некои писмено, некои телефонски и ни доставија пресметки за доход од 2020 година пет години подоцна и сметаме дека УЈП направила сериозни пропусти во постапките и тоа: не постапила навремено со евидентирање на приливите, не донела решенија во текот или наредната година, не обезбедила навремено и уредно информирање на граѓаните, изјави Зоран Наковски, кој се обрати во име на сите печалбари и нивните семејства.

 

 

Според Наковски ова е лов на пари за полнење на државата каса од луѓе кои работеле во воени бази во Авганистан и Ирак, во зони со висок безбедносен ризик по нивниот живот и здравје.

Како што појасни, согласно законските регулативи ако повеќе од 183 дена едно лице било надвор од државата, не се смета за даночен резидент, а тие биле девет до 10 месеци во тој период надвор од државата. Сега, институциите бараат од нив самите да го докажат тоа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  74 точки на последната седница на Советот на Општина Куманово, меѓу нив и Буџетот

– Од нас се бараат докази што државата сама не може или не сака да ни ги обезбеди. Министерство за внатрешни работи одбива да издаде потврда за влез и излез во 2020 година. Нивниот одговор е дека не чуваат податоци постариот од пет години. Ние доставивме и други законски докази како што се пасош со печати за влез и излез од државата. Ни беа отфрлени. Нашите приходи не беа црни пари, тие веќе се оданочени во државите каде што сме работеле и во матичните држави на компаниите што не ангажирале. Ова што се прави денес е двојно, тројно оданочување спротивно на правото и законот и здравиот разум, рече тој.

 

 

Како што рече тој, со парите од Ирак и Авганистан, се одржувала економијата на државата, граделе домови и ги образувале своите деца, а денес чувствуваат дека државата им го свртува грбот.

Порачаа дека ако добијат решение, нема да плаќаат, туку ќе бараат правда пред сите надлежни институции.

– Ако заканот продолжи да се толкува во корист на државата, тогаш секој еден од нас е подготвен да ја побара правдата пред меѓународни судови. Ова не е закана, ова е право на секој граѓанин. Нашето барање е јасно стоп за оваа неправда, селективно толкување на законите, стоп за притисоци од УЈП. Денешниот собир е мирен, но ова нема да биде крај. Ако институциите не постапат и не не сослушаат следниот протест ќе биде помасовен ќе бидеме приморани да преземеме порадикални и демократски чекори кои ни следуваат со закон, посочи Наковски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Вечерва стенд-ап со Жарко Јовановиќ во Куманово

 

 

Жикица Миланов, еден од засегнатите граѓани, вели дека се вратил во Македонија во 2021 година и оттогаш е не е вработен тука, живеат со парите заработени оттаму.

– Правни совети имаме, но тоа се некои површински работи, адвокатите се оградуваат, не сакаат да постапат додека нема вистинско решение по кој основ треба да се поведе постапка пред Управаен суд. Според информациите тоа ќе биде макотрпна работа од минимум три до четири години и не знам кој може да ја издржи таа битка, вели Миланов.

Наковски појаснува дека дел од компаниите за кои работеле им издале потврди дека данок е платен во земјите во кои работеле, ги доставиле до УЈП и се ослободени од данок. Проблемот е вели, не се остава доволен простор тоа да го сторат сите.

– Тоа е голема бројка од три до четири илјади луѓе да ни дадат толку податоци одеднаш и сме принудени до 15ти јануари да платиме данок. Доколку не платиме, секој ден ќе ни се пресметува камата од 0,03% дневно и имаме 30 дена за жалба, а жалбата не го одложува плаќањето, вели тој.

 

 

Појаснуваат дека им е оставен краток период токму во вакуум простор бидејќи моментално се празници во странските компании, а потоа ќе бидат кај нас и институциите нема да работат. Сметаат дека периодот е намерно избран токму поради тоа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Прогноза за Куманово: Што ни носи последниот викенд годинава?

– Ова е добро смислена работа, тоа сите правници ни го кажаа, за да ние немаме простор за маневрирање и докажување, а доказите што ги донесовме се пасоши од сите држави каде сме влегле и излегле. Пасошот има виза уредна, секоја година ни е обновувана работна виза и лична карта, како странци мораме да имаме и лична карта, велат тие.

Појаснуваат дека дел од засегнатите веќе платиле данок, но оние кои имаат по 100 до 200 евра давачки. Велат дека дел од нив имаат данок и по 4.000 евра за една година.

Ова е велат мирен протест, сакаат да ги запознаат граѓаните со нивните маки, кои утре можат да се соочат со слични проблеми.

Ако не им се исполнат барањата, велат дека ќе следуваат следни чекори и најверојатно нов протест.

Инаку, УЈП започна да ги чешла приходите на граѓаните кои дошле од странство, за период од пет години наназад, по што започна да испраќа писма до засегнатите.

Анализите на податоците на УЈП откриле дека околу 9.000 физички лица во 2020 година имале остварено доход од странство што подлежи на оданочување, но не бил пријавен.

Македонија има потпишано договори со 49 други држави за избенување на двојно даночење, но граѓаните кои сега ги таргетира УЈП мора да докажат дека данокот им бил платен во странство.

Никола Ивановски