Украинскиот претседател Володимир Зеленски презентираше ревидиран нацрт-мировен план, изготвен во соработка со САД, опишувајќи го како најдоброто што Киев може да го понуди за да се стави крај на војната со Русија.
20-те точки вклучени во планот опфаќаат широк спектар на прашања, од безбедносните гаранции што Киев ги бара за да спречи идна руска агресија, до обврските за обнова на земјата разорена од војната.
Зеленски рече дека САД го презентираат новиот нацрт на Русија и дека Киев очекува одговор до синоќа.
Украинскиот лидер изјави дека различните точки во планот „во голема мера го одразуваат заедничкиот украинско-американски став“.
Сепак, Киев и Вашингтон не постигнаа договор за две спорни точки: судбината на територијата во Донецк, која е под контрола на Украина, и контролата врз големата нуклеарна централа што моментално ја држи Русија, пишува „Њујорк тајмс“.
Весникот наведува дека не е јасно како американските претставници ќе ѝ ги пренесат на Москва предложените украински отстапки, кои САД сè уште не ги прифатиле.
Зеленски рече дека е особено задоволен што Киев и Вашингтон во голема мера се согласија за безбедносните гаранции што треба да обезбедат Русија да не ја нападне Украина повторно.
Тие гаранции би вклучувале одржување на армија од 800.000 војници во мирно време, финансирана од западните партнери, како и членство на Украина во Европската Унија.
Украина го прифаќа принципот на демилитаризирана зона на исток, но инсистира Русија да направи слични отстапки со повлекување на своите сили.
Зеленски сака мировниот договор да содржи прецизен датум за влез на Украина во ЕУ, така што тоа би било цврста и конкретна гаранција.
Сепак, како што истакнува „Тајмс“, сè уште е неизвесно дали блокот ќе се согласи да одреди таков датум, со оглед на сложеноста на преговорите за членство.
Гаранциите би вклучувале и билатерален безбедносен договор со САД, за кој би гласал Конгресот.
Зеленски рече дека европската воена поддршка ќе дојде преку таканаречената Коалиција на добронамерните, група од околу 30 земји кои ветија дека ќе ја зајакнат повоената безбедност на Украина преку придонес во нејзината одбрана во воздух, на копно и на море.
Ова би можело да вклучува распоредување на европски сили во Украина, што е неприфатливо за Кремљ.
Украина и САД, исто така, се согласија за низа одредби насочени кон спречување на обновување на непријателствата, вклучително и механизам за следење на линијата на контакт.
Нацрт-планот, исто така, вклучува обврска за ослободување на сите воени заробеници и притворени цивили, како и организирање избори во Украина што е можно поскоро по потпишувањето на мировниот договор.
Зеленски рече дека судбината на територијата во источниот регион Донецк под контрола на Украина останува „најсложената точка“.
Претходниот мировен предлог, изготвен од Русија и САД, повикуваше украинските сили да се повлечат од областа на Донецк што моментално ја држат и да ја претворат територијата во неутрална демилитаризирана зона.
Киев ја отфрли таа опција, велејќи дека не може еднострано да отстапи земја што Москва не ја освоила.
Компромисот што го презентира Зеленски се темели на идејата за создавање демилитаризирана зона во Донецк, но ја проширува за да ги вклучи не само областите од кои украинските сили би се повлекле, туку и територијата контролирана од Русија од која Москва би ги повлекла своите трупи. Во рамките на демилитаризираната зона, двете страни би биле одделени со тампон зона под надзор на меѓународните сили.
„Американците се обидуваат да најдат начин ова да не биде „повлекување“, бидејќи ние сме против повлекувањето“, рече Зеленски. „Тие бараат демилитаризирана зона или „слободна економска зона“, односно формат што би можел да ги задоволи двете страни.“
Територијата е можеби најтешкото прашање во мировниот договор, бидејќи вклучува воени, хуманитарни и политички прашања – од ризикот од нови напади до евентуално раселување на населението и удар врз националниот морал.
Зеленски рече дека воспоставувањето демилитаризирана зона ќе мора да биде поддржано од граѓаните на референдум.
Друга точка на спор се однесува на нуклеарната централа во јужна Украина, Запорожје, која беше окупирана од Русија.
Тоа е најголемата таква електрана во Европа, со производствен капацитет од шест гигавати, а Киев тврди дека му е потребна за повоена реконструкција.
Зеленски рече дека САД предложиле Вашингтон, Киев и Москва да ја делат контролата и профитот од електраната. Сепак, тој изјави дека Киев не може да се согласи да разменува енергија со Москва.
Тој предложи компромис во кој централата би работела како заедничко вложување меѓу Киев и Вашингтон, при што на САД ќе им биде дозволено да го распределат својот дел од профитот како што сакаат.
Ова би значело дека Вашингтон би можел да постигне договор со Москва одделно.
Како би можеле САД да профитираат?
Неколку точки во планот директно се однесуваат на американските економски интереси во рамките на повоениот договор.
Планот предвидува формирање на „Фонд за развој на Украина“, кој би инвестирал во сектори со висок потенцијал за раст, вклучувајќи технологија, центри за податоци и вештачка интелигенција. Американските и украинските компании би соработувале за поддршка на проекти за реконструкција, вклучително и во енергетскиот сектор.
Планот, исто така, го споменува „експлоатацијата на минерали и природни ресурси“ во Украина, што администрацијата на Доналд Трамп го постави како приоритет во рамките на своите економски интереси во таа земја.
Планот наведува дека ќе бидат основани „повеќе фондови“ за повоено закрепнување и реконструкција на Украина, со крајна цел да се соберат до 800 милијарди долари.
Исто така, се вели дека ќе биде назначен „водечки глобален финансиски лидер“ кој ќе „ја води имплементацијата на стратешки план за закрепнување и ќе ги максимизира можностите за иден просперитет“.
„Тајмс“ наведува дека ова најверојатно се однесува на американската компанија „Блекрок“, најголемиот менаџер на недвижности во светот, кој американската страна неодамна го вклучи во мировните преговори.
Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин бил информиран за преговорите. „Нашата цел е наскоро да ја формулираме нашата идна позиција и да ги обновиме контактите преку воспоставените канали што се користат во моментов“, изјави вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Во текот на викендот, Москва ги намали очекувањата дека може да се постигне договор. Главниот советник за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, ги оцени последните мировни преговори меѓу САД и Украина како „прилично неконструктивни“.
Зеленски изрази претпазлив оптимизам дека Москва нема отворено да го отфрли новиот предлог, од страв да не го налути Трамп. Ако го стори тоа, додаде тој, Кремљ ќе мора да се соочи со сериозни последици.
„Тајмс“ наведува дека компромисите што ги нуди Украина во врска со територијалните решенија и контролата врз нуклеарната централа веројатно ќе бидат отфрлени во Русија.
Кремљ постојано повторува дека неговата цел е целосно воено преземање на Донецк, без разлика дали на бојното поле или на преговарачката маса, и отфрли секоја можност за враќање на нуклеарната централа под украинска контрола.
Повеќето Руси очекуваат војната да заврши во 2026 година
Поголемиот дел од Русите очекуваат војната во Украина да заврши во 2026 година, објави вчера државниот центар за истражување на јавното мислење ВТсИОМ.
Ројтерс наведува дека ова е знак дека Кремљ можеби ја тестира реакцијата на јавноста на евентуално мировно решение.
За време на годишната презентација на резултатите од истражувањето, заменик-шефот на ВТсИОМ, Михаил Мамонов, рече дека 70 проценти од 1.600 испитаници оцениле дека 2026 година ќе биде „поуспешна“ година за Русија отколку оваа година, додека за 55 проценти, оваа надеж е поврзана со евентуалното завршување на она што Русија го нарекува „специјална воена операција“ во Украина.
„Главна причина за оптимизам е можниот крај на специјалната воена операција и постигнувањето на поставените цели, во согласност со националните интереси што ги презентира претседателот“, рече Мамонов на презентацијата.
Во претходните анкети на крајот од годината, ВТсИОМ ја нагласи консолидацијата на руското општество околу претседателот Путин и неговите воени цели во Украина, но не даде податоци за уделот на населението што очекува војната да заврши.
Војната во Украина се приближува кон својата петта година, но вистинското ниво на замор од конфликт кај руската јавност е тешко да се измери поради строгата државна контрола врз неистомислениците.
Мамонов ги наведе тековната офанзива на руската армија во Украина, неподготвеноста на САД да ја финансираат Украина и неможноста на ЕУ целосно да ги замени САД финансиски и воено како главни фактори што влијаат на изгледите за можен мировен договор.
По завршувањето на воените операции, додаде тој, главни приоритети се реинтеграцијата на ветераните од „специјалните воени операции“ во општеството и реконструкцијата на регионите на Украина под руска контрола, како и руските погранични области.
Според независниот истражувач на јавното мислење, Центарот Левада, околу две третини од Русите поддржуваат мировни преговори, што е највисок процент од почетокот на војната.

