Од полноќ стапува на сила нова одлука за цените на горивата, според која бензините поевтинуваат за два денара по литар, додека цените на дизел горивата и мазутот остануваат непроменети.
Одлуката денеска ја донесе Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), со што малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 1,08 отсто.
Согласно одлуката, ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе се продава по цена од 71 денар за литар, додека цената на ЕУРОСУПЕР БС – 98 изнесува 73 денари за литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) останува 66,5 денари за литар, екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе чини 65,5 денари, а мазутот М-1 НС 32,635 денари за килограм.
Од РКЕ информираат дека на светските пазари е евидентиран пад на референтните цени на нафтените деривати во споредба со претходната пресметка.
Кај бензините намалувањето изнесува во просек 6,021 отсто, кај дизел горивата 3,929 отсто, кај екстра лесното масло 3,168 отсто, додека кај мазутот 0,401 отсто.

