Неселективно уривање на сите објекти кои незаконски узурпирале јавна прометна површина или државно земјиште ќе започне во наредниот период во Куманово, најави градоначалникот Максим Димитриевски, потенцирајќи дека законот ќе се спроведува еднакво за сите.
– Нема да има селективност сите објекти за коишто има уредно извршно решение за уривање во следниот период ќе бидат урнати по приоритет. Сите оние објекти коишто имаат значи узарпирано јавна прометна површина или државно земјиште во прва фаза тргнувајќи од централното градско подрачје кон надвор, а потоа и сите објекти, бидејќи ние не можеме селективно да го да го спроведуваме законот“, изјави Димитриевски.
Тој посочи дека вакви активности веќе се спроведувале и во изминатиот период, како дел од започнатата акција за воспоставување ред во користењето на јавниот простор.
– Претходно следеше едно извршување коешто веројатно не сте го пропратиле, тоа е на локацијата Берза на паркинг просторот зад поранешната КИБ Банка, сега одиме тука во централно градско подрачје едноставно сите треба да бидат еднакви пред законот, рече градоначалникот.
Според него, ќе бидат опфатени сите вршители на дејност кои незаконски користат јавна површина, без разлика на тоа за кој објект станува збор или кој е сопственикот.
– Едноставно сите треба да бидат еднакви пред законот и сите оние вршители на дејност и давање на услуга во градот коишто имаат узурпирано јавна прометна површина ќе биде дислоцирани вклучувајќи ги до сите овие фамозни кабли коишто ги гледаме како повеќе од 15 години никнуваат низ градот и ги узурпираат јавните прометни површини, нагласи Димитриевски.
Тој најави и дополнителни активности во наредниот период, кои ќе бидат поддржани и со средства од општинскиот буџет.
– Ќе следува дополнителна акција во новиот буџет ќе предложам на советот да издвои одредена сериозна сума на средства за извршување за конечно ставиме крај и на тоа, изјави Димитриевски.
Градоначалникот подвлече дека нема да се дозволи селективна примена на законот и дека клучно ќе биде почитувањето на законските процедури и обврски.
– Воопшто не ме интересира чик е локалот, во чива сопственост е, најбитно е дали истиот којшто користи одредена површина плаќа за тоа во општината или не дали, има изготвен елаборат и сета потребна техничка документација за безбедност и сигурност согласно новите законски измени“, рече тој.
Димитриевски потсети дека од 1 јануари стапува на сила нов закон со кој надлежноста за инспекциските служби преминува кај градоначалниците, заедно со одговорноста за нивното работење.
– Јас немам намера да дозволам ниту еден мој вработен да сноси одредена одговорност поради самоволието на поединци коишто се навикнале да градат, прават и узурпираат јавен простор каде сакаат и како сакаат се со цел самите да вршат дејност, а притоа правејќи штета на други и непочитувајќи законите, истакна градоначалникот.
Тој порача дека граѓаните јасно ја изразиле својата волја за воспоставување ред и законитост и дека општината е должна тоа да го реализира.
– Граѓаните на овие избори сакаа да се воспостави ред и ние тој рев сме должни да им го понудиме на граѓаните во рамките на нашите можности, заврши Димитриевски.
Никола Ивановски

