Администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ја прошири забраната за патување со додавање на уште пет земји на списокот на оние на чии граѓани им е забранет влез во САД, а воедно воведе нови ограничувања за неколку други земји, беше објавено денес.
Одлуката е дел од пошироко заострување на правилата за патување и имиграција, а следи по апсењето на авганистански државјанин осомничен за пукање во двајца припадници на Националната гарда за време на викендот за Денот на благодарноста, објави NBC.
Според новата одлука, целосната забрана за влез е проширена на Буркина Фасо, Мали, Нигер, Јужен Судан и Сирија.
Администрацијата, исто така, воведе општа забрана за патување за лица со патни документи издадени од Палестинската самоуправа.
Во исто време, дополнителни 15 земји ќе се соочат со делумни ограничувања за патување: Ангола, Антигва и Барбуда, Бенин, Брегот на Слоновата Коска, Доминика, Габон, Гамбија, Малави, Мавританија, Нигерија, Сенегал, Танзанија, Тонга, Замбија и Зимбабве.
Во јуни, Трамп објави забрана за влез за граѓани на 12 земји и делумни ограничувања за уште седум, обновувајќи ги политиките од неговиот прв мандат како претседател.
Авганистан, Мјанмар, Чад, Република Конго, Екваторска Гвинеја, Еритреја, Хаити, Иран, Либија, Сомалија, Судан и Јемен беа на списокот на земји со целосна забрана во тоа време, додека построги ограничувања важеа за Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того, Туркменистан и Венецуела.
Белата куќа објави дека причините за продолжување на забраната се „широко распространета корупција, несигурни или лажни лични документи и криминални досиеја“, како и високи стапки на пречекорување на визите, одбивање да се примат депортирани граѓани и недостаток на стабилност во одредени земји.
Во соопштението на Белата куќа се наведува дека мерките се неопходни за заштита на националната безбедност, спроведување на законите за имиграција, борба против тероризмот и постигнување на целите на американската надворешна политика.

