Северна Кореја испали околу 10 ракети од повеќецевен ракетен фрлач претходно оваа недела, очигледно како дел од редовните зимски воени вежби, соопштија денес јужнокорејските воени претставници.
„Армијата откри дека околу 15:00 часот во вторник, околу 10 ракети биле лансирани во правец на север од Жолтото Море“, објави началникот на Здружениот генералштаб на јужнокорејската армија и додаде дека е во тек детална анализа, пренесува Јонхап.
Се верува дека ракетите се лансирани од повеќецевен ракетен фрлач од 240 мм, кој има дострел до Сеул и соседните области.
„Нашата војска внимателно ги следи различните активности на Северна Кореја во рамките на цврстата заедничка одбранбена позиција на Јужна Кореја и САД и ја одржува способноста и подготвеноста силно да одговори на секоја провокација“, рече началникот на Здружениот генералштаб на јужнокорејската армија.
Минатиот месец, севернокорејската војска испали балистички ракети непосредно пред заедничката посета на шефовите на одбраната на Јужна Кореја и САД на демилитаризираната зона што ги дели двете Кореи.
Севернокорејската војска испали и ракети кога јужнокорејскиот претседател Ли Џае-мјунг и кинескиот претседател Си Џинпинг разговараа во градот Гјонгџу, како дел од самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК).

