ЈП „Чистота и зеленило“ само ќе го чисти снегот од улиците во Куманово годинава

Сподели со своите пријатели

Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ годинава само ќе ги одржува улиците во случај на врнежи од снег, без приватна фирма како што тоа беше пракса во минатото.

Во четврток, на втората седница на Советот на Општина Куманово се очекува да бидат изгласани измени на програмата со кои на комуналното претпријатие ќе му бидат доделени дополнителни пет милиони денари за оваа намена.

Со претходно одобрените средства, целокупната програма за зимско одржување на сообраќајниците ќе изнесува 13 милиони денари.

– Се проширува програмата со дополнителни 20 улици кои се наоѓаат во градското подрачје. „Чистота и зеленило“ се спремни и имаат набавено сол, средства за одмрзнување, во оптек се три камиона кои претходно беа доделени на трајно користење од страна на Општина Куманово, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Советот на Општина Куманово.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Градинката „Ангел Шајче“ подготвува нов циклус реконструкции и проширувања (ВИДЕО)

Како што потенцираше претседателката, претпријатието е во полна кондиција за зимско одржување.

Освен чистење на низа сообраќајници во централното градско подрачје, програмата предвидува чистење на снег од двата плоштада и паркинг простори пред зграда на Општина, Суд, Полиција, Пошта, Болница, Банки и други локации, доколку висина на снег не надминува 12 сантиметри.

Исто така се предвидува, пробивање на патеки пред пешачки премини во широчина на истите и тоа на улици кои се во усвоената програма за тековно одржување, како и чистење на снег од автобуски постројки.

Во текот на изминатите години, општината распишуваше тендер за зимско одржување, каде покрај јавното претпријатие, учествуваше и приватна фирма која обично чистеше во руралните делови од градот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Неделна прогноза за Куманово: Подгответе се за нов бран врнежи!

Во просек, јавното претпријатие изминатите години изведувало по 15 чистења годишно.

Никола Ивановски