Нема нови излевања во кумановско, сите водостои во државата покачени

Сподели со своите пријатели

Нема излевања во Куманово и Липково, информираат утринава од Центарот за управување со кризи, по новите врнежи од дожд ноќеска.

Како што додаваат од ЦУК, се расчистуваат наноси кај селото Коинце, а зголемени водостои, но без штети се бележат и во кратовско.

Забележан е и одрон на патниот правец Страцин – Пробиштип, кој во меѓувреме е исчистен.

Од УХМР информираат дека денес се очекува променливо облачно време со локални обилни врнежи, можни грмежи и силен јужен ветер над 60 km/h. Температури од 13 до 19 °C; во Скопскиот регион до 17 °C.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Отворена изложбата „Фото салон Куманово 2025“ (ФОТО)

Најмногу врнежи се измерени во Претор (66 l/m²), Крушево (37), Битола (30) и Прилеп (26).

– Апелираме до граѓаните да избегнуваат движење во близина на речни корита, мостови и поплавени површини, да ги следат упатствата на надлежните служби, а доколку забележат било каква опасност – веднаш да пријават на бесплатниот број за итни повици 112, велат од Центарот за управување со кризи.

Поради обилните врнежи од дожд во последното деноноќие на повеќе локации во државата се регистрирани зголемување на водостоите на реките како и одредени  излевања, поплавени објекти и одрони.

Битолски регион: Излевање на реката Шемница кај с. Лера со поплавена куќа и штали. Во општина Новаци е прекинат патот кон рудникот Брод–Гнеотино поради надојдена вода од Црна Река.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Три метео аларми денеска за Куманово: До кога ќе траат врнежите?

Преспански регион: Излевање на реки во с. Царев Двор и Дрмени со поплавени куќи; Постои опасност од излевање на Голема Река.

Струмички регион: Нема пријавени штети; регистрирани се одрони на патниот правец Струмица–Валандово.

Скопски регион: Зголемено нивото на речните корита, но засега без излевања на водотеците од нивните корита.

Велешки регион: Одрони и паднато дрво на два патни правци. Реката Вардар е на многу висок водостој со можност за излевање кај автобуската станица.

Штипски регион: Нема пријавени проблеми.

Охридски регион: Значително покачени водостоите на реките; излевања на повеќе места и ризик за поплавување на поединечни станбени објекти. Активирани се екипи за интервенција во Косел, Опеница и кај Скребатска Река.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Општина Куманово го објави јавниот повик за културни манифестации за 2026 година (ВИДЕО)

Тетовски регион: Нема пријавени штети; водостоите се зголемени, но без излевања.

Забележан е висок водостој на реката Сатеска во Охридскиот регион, со препорака за зголемено внимание.

УХМР ја означи територијата на целата држава со жолто ниво на предупредување за опасност од излевања и поплави.

Никола Ивановски