Индиските власти ги затворија училиштата и евакуираа десетици илјади луѓе од крајбрежните области, додека источниот брег на земјата се подготвува за циклонот Монта.
Циклонот моментално се движи над Бенгалскиот Залив и се очекува да стигне до копното доцна денес во близина на пристанишниот град Какинада во јужната држава Андра Прадеш, објави АП.
Се очекува ветровите да достигнат брзина помеѓу 90 и 110 километри на час, со обилни врнежи од дожд.
Метеоролошката служба издаде црвени предупредувања за 19 области во Андра Прадеш, додека соседните држави Тамил Наду, Телангана, Керала и Карнатака се очекува да добијат умерени до обилни врнежи од дожд.
Екипите за итни случаи досега евакуираа 38.000 луѓе во Андра Прадеш, додека околу четири милиони луѓе се наоѓаат во ранливи зони.
Властите подготвија повеќе од 1.900 хуманитарни кампови и 364 училишни засолништа, додека евакуациите продолжуваат во 1.238 села.
Училиштата и колеџите ќе останат затворени до утре, а рибарите се предупредени да не излегуваат на море.
Во сојузната држава Одиша евакуацијата е во тек, а околу 32.000 луѓе се преместени во побезбедни подрачја.
Експертите предупредуваат дека глобалното затоплување придонесува за зајакнување на тропските циклони во Јужна Азија.
Источните брегови на Индија се особено изложени, а последната сезона на циклони беше меѓу најсмртоносните во последните години, со 523 жртви и штета од 2,5 милијарди долари, според медиумите.

