Санкции од Брисел и Вашингтон за Москва: ЕУ забрани увоз на гас, Трамп „удри“ врз Лукоил и Роснефт

Сподели со своите пријатели

Земјите од Европската унија го одобрија 19-тиот пакет санкции против Русија поради војната против Украина.

Новите мерки вклучуваат забрана за увоз на руски течен природен гас, која ќе стапи на сила во две фази.

Краткорочните договори ќе истечат по шест месеци, а долгорочните од 1 јануари 2027 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп за првпат во вториот мандат воведе санкции за Русија и компаниите Лукоил и Роснефт.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ова е непријателски чин кој не ги зајакнува руско-американските односи.

Трамп често и се закануваше на Москва со построги мерки, но ги избегнуваше.

Сега вели секогаш кога разговара со Владимир се е во ред, но на крајот тоа не води никаде.

Новите санкции се насочени кон две од најголемите руски компании да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина.

„Видете, ова се огромни санкции, тие се многу големи. Тие се против нивните две големи нафтени компании. И се надеваме дека нема да траат долго. Се надеваме дека војната ќе се реши“, рече Трамп.

Економското влијание не треба да биде огромно, но тоа е голема промена во надворешната политика на Трамп, бидејќи тој претходно изјави дека нема да воведе санкции додека европските земји не престанат да купуваат руска нафта.

Кремљ тврди дека Русија е имуна од санкции.

„Тоа е контрапродуктивно во однос на постигнување разумно решение за конфликтот во Украина. Ако сегашната американска администрација го стори истото како и претходните кои се обидоа да ја принудат Русија да ги жртвува националните интереси заради санкции, резултатот ќе биде ист. Катастрофален од гледна точка на внатрешната политика и лош за стабилноста на глобалната економија“, рече портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Маријаовахар.

„Со Русија се преговара само од позиција на сила“

Нафтата и гасот се двете најголеми извозни ставки на Русија.

„Роснефт“ и „Лукоил“ извезуваат 3,1 милиони барели дневно, а „Роснефт“ ја произведува речиси целата нафта или пет проценти на глобално ниво.

Најголеми клиенти се Кина, Индија и Турција.

Индија ќе го намали увозот на руска нафта по воведувањето санкции, Кина се противи на европските, иако има индиции дека ќе го намали и сопствениот увоз поради американскиот.

„Постојано кажавме дека Кина не е креатор на кризата во Украина или нејзин дел. Работиме на промовирање преговори и помирување, никому не сме испратиле смртоносно оружје и го контролираме извозот на стоки со двојна употреба“, рече Гуо Џиакун од Министерството за надворешни работи на Кина.

Европските лидери и претседателот на Украина се во Брисел, каде што разговараат за помош за Киев со помош на замрзнати руски средства. Тие го поздравуваат потегот на САД.

„Ова ја менува целата приказна, директно влијае на руската нафтена индустрија, која носи приход на руската воена машина. Така, тие сфатија дека преговорите со Русија се само од позиција на сила и додека имате пиштол на маса“, рече литванскиот претседател Гитанас Науседа.

Аналитичарите тврдат дека новите санкции би можеле да ја принудат Русија дополнително да ја намали цената на својата нафта на светскиот пазар, за да го намали ризикот од секундарни американски санкции, кои би можеле да бидат олеснети доколку глобалната цена на нафтата се зголеми.