Вечерва на полноќ започнува предизборниот молк, кој ќе трае до недела до 19 часот, кога ќе се затворат избирачките места.
Гласањето започнува утре кога гласаат болните и немоќни лица, лица во старските домови, како и затворениците.
Право на глас на изборите ќе имаат 1.832.415 граѓани.
Првиот круг од изборите ќе се реализира в недела, а вториот две седмици подоцна, односно на 2 ноември.
Ова се осми локални избори од осамостојувањето на државата.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Никола Ивановски