Светот слави: „Историски чекор кон крај на војната во Газа“ (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Светските лидери го поздравија мировниот договор меѓу Израел и Хамас, постигнат со посредство на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, означувајќи го како „историски чекор кон завршување на двегодишната војна во Газа“.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, го поздрави објавувањето на договорот, кој предвидува прекин на огнот, ослободување на заложниците и обезбедување хуманитарна помош за Газа.

„Ги повикувам сите страни целосно да го почитуваат договорот. Борбите мора да престанат еднаш засекогаш, а страдањето на цивилите мора да заврши“, рече Гутереш, додавајќи дека Обединетите нации ќе помогнат во спроведувањето и обновата на Газа, објави Ројтерс.

 

 

ПРОЧИТАЈТЕ И:  ПОСТИГНАТ ДОГОВОР: Хамас ќе ги ослободи сите заложници, Израел ги повлекува војниците

Британскиот премиер Кир Стармер го нарече договорот „момент на длабоко олеснување“ и повика на итно укинување на ограничувањата за хуманитарна помош, пренесува Танјуг.

„Ова е првиот чекор кон праведен и траен мир“, рече Стармер, заблагодарувајќи им се на Египет, Катар, Турција и САД за нивните дипломатски напори.

Аргентинскиот претседател Хавиер Мајли го нарече договорот историски и најави дека ќе го номинира Трамп за Нобелова награда за мир.

Канадскиот премиер Марк Карни изрази надеж дека заложниците наскоро ќе бидат ослободени, додека владата на Нов Зеланд изјави дека ова е „позитивен прв чекор кон прекинување на страдањето“.

 

 

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Трамп во петок оди во болница на преглед, објави Белата куќа

Јапонскиот министер Јошимаса Хајаши го нарече договорот „голем чекор“ кон решение за две држави, додека германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека договорот носи „зрак надеж по повеќе од 700 дена смрт и уништување“.

Во Тел Авив, семејствата на заложниците и поддржувачите ја прославија веста за договорот, скандирајќи „Нобелова награда за Трамп“.

Трамп изјави во интервју за Фокс њуз дека Хамас „веројатно“ ќе почне да ги ослободува заложниците во понеделник.

„Ова е повеќе од Газа – ова е чекор кон мир на Блискиот Исток“, рече тој.

Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Катар, Израел и Хамас постигнале договор за механизмите за спроведување на првата фаза од договорот, што вклучува прекин на огнот, размена на заложници и затвореници и внесување на хуманитарна помош.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Шефот на ОН ги повикува сите страни целосно да го почитуваат договорот за Газа

Се очекува Хамас да ги ослободи сите 20 живи заложници во замена за палестински затвореници во наредните денови, додека израелската армија ќе започне со повлекување од поголемиот дел од Газа.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека „со Божја помош, сите заложници ќе бидат вратени дома“.