Германскиот канцелар Фридрих Мерц го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека води „хибридна војна“ во Германија.
„Тој води информациска војна против нас. Тој води воена војна против Украина, а таа војна е насочена и против нас“, изјави Мерц за германската телевизија Нтв.
Мерц тврди дека рускиот претседател сака да го преврти европскиот политички поредок наопаку.
„И затоа ја поддржуваме Украина“, објасни Мерц, додавајќи дека е во интерес на Германија да го брани својот политички поредок и отворените, либерални општества во Европа.
На прашањето дали Путин води војна против Германија, Мерц рече: „Тој води хибридна војна против нас“, пренесува Хина.
Осврнувајќи се на зголемениот број инциденти со беспилотни летала во Германија и низ цела Европа, Мерц рече: „Ја знаеме заканата“, додавајќи дека Путин сака да заплаши и да всади страв.
„Нема да бидеме заплашени и исто така ефикасно ќе се одбраниме од оваа закана“, рече Мерц.
На прашањето дали размислувал да му се јави на Путин, Мерц рече дека „секако размислува за тоа“.
„Можам само да видам дека секој обид за разговор со него во моментов завршува со уште пожестоки напади врз Украина“, додаде тој.
„Жестока дискусија со Орбан“
Германскиот канцелар рече дека имал жестока дискусија за тоа со унгарскиот премиер Виктор Орбан на состанокот на ЕУ во Копенхаген минатата недела.
„Тој нè обвини дека не сакаме да преговараме“.
Мерц му одговори потсетувајќи дека самиот Орбан бил во Киев минатиот јули како претседател на Советот на ЕУ, а потоа и во Москва.
„А одговорот на Путин беше бомбардирањето на детската болница во Киев“, рече тој.