Кога бил помлад, Едит Пералес се пријавил во Националната боливарска милиција, цивилна единица основана од покојниот претседател Уго Чавез во 2009 година за да помогне во одбраната на Венецуела.
Шеснаесет години подоцна, 68-годишниот Пералес им се придружува на илјадници други членови на милицијата кои се подготвуваат за потенцијален американски напад, пишува Би-Би-Си.
Во голема мера неорганизираната сила, составена претежно од постари граѓани, била активирана откако американската морнарица ги распоредила своите бродови во јужниот дел на Карипското Море како дел од она што американските власти го нарекоа операција против трговија со дрога.
Необјавена војна
За време на тие операции, американските сили уништиле најмалку три брода за кои тврдат дека транспортирале дрога од Венецуела во САД, при што загинале најмалку 17 лица.
Венецуелскиот министер за одбрана, Владимир Падрино, изјави дека нападите и присуството на американската морнарица претставуваат „необјавена војна“ против Венецуела.
Претседателот Николас Мадуро веднаш ја повикал милицијата во активна служба.
Пералес, кој живее во населбата 23 де Енеро, традиционално упориште на чавизмот во Каракас, вели дека неговата униформа и чизми се подготвени.
Како лојален поддржувач на владата, тој истакнува дека е „подготвен да служи секогаш кога ќе биде повикан“.
„Мораме да ја браниме татковината“, изјави тој за Би-Би-Си, повторувајќи ги зборовите на претседателот Мадуро по нападот.
Влошување на односите со САД
Иако воените експерти веруваат дека американското поморско присуство во Карибите не е доволно големо за да укаже на планирана инвазија, нема сомнение дека веќе напнатите односи меѓу Венецуела и САД дополнително се влошија откако Доналд Трамп се врати на функцијата.
САД се меѓу земјите што не го признаа реизборот на Мадуро во јули 2024 година, повикувајќи се на докази од опозицијата и независните набљудувачи кои сугерираат дека неговиот ривал Едмундо Гонзалез победил.
Кратко по преземањето на функцијата, Трамп ја прогласи венецуелската банда Трен де Арагва за терористичка група, што послужи како оправдување за депортациите на мигрантите и неодамнешните воени акции.
Администрацијата на Трамп, исто така, ја дуплираше наградата за информации што доведоа до апсењето на Мадуро на 50 милиони долари, обвинувајќи го за соработка со нарко-картели, што Мадуро жестоко го негира.
Воена обука на улиците
Како одговор на перцепираната закана, Мадуро ѝ нареди на војската да ги обучи локалните милиции.
Овие групи се претежно составени од волонтери од сиромашни заедници, иако некои вработени во јавниот сектор пријавија дека биле под притисок да се приклучат.
Во минатото, тие главно биле користени за пополнување на редовите на политичките митинзи.
Минатата сабота, војниците во населбата Петаре во Каракас почнаа да ги обучуваат локалните жители за ракување со оружје.
Сценариото вклучуваше тенкови од руско производство и празна пушка.
Повеќето од волонтерите немаат борбено искуство, но не им недостасува ентузијазам.
„Ако треба да го дадам својот живот во битка, ќе го направам тоа“, рече 69-годишниот Франциско Охеда, додека го вежбаше својот борбен став со пушка АК-103. 67-годишната Глејди Родригез размислува слично: „Нема да дозволиме ниту една американска влада да дојде и да нападне“.
Животот продолжува
Сепак, надвор од владините упоришта, животот продолжува како и обично, а малкумина размислуваат за можноста за инвазија.
Дури и во Петаре, недалеку од местото каде што се одржуваа вежбите, жителите си ги вршеа своите секојдневни работи.
Бенињо Аларкон, политички аналитичар од Католичкиот универзитет „Андрес Бело“, верува дека планот на Мадуро не е милицијата да се бори, туку да служи како „човечки штит“.
Тој тврди дека со поканување на цивили, владата сака да ги зголеми потенцијалните човечки трошоци од каква било воена акција на САД.
Според него, поради ова, дури и не е важно дали членовите на милицијата се добро обучени или вооружени.
Мадуро тврди дека повеќе од 8,2 милиони цивили се регистрирани во милицијата и резервите, но таа бројка се смета за спорна.
За Пералес, кој е во милицијата со децении, неговата улога е јасна – тој е бранител на својата улица и населба.
Иако не учествува во нови вежби поради неговата возраст и здравје, тој вели дека е подготвен.
„Мораме да ја браниме територијата. Носењето униформа подразбира одговорност“.