Трамп најави нови царини, вклучувајќи 100 проценти за лекови

Сподели со своите пријатели

Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави воведување нови царини кои ќе достигнат до 100 проценти за лекови, а ќе влијаат и на камионите и мебелот произведени надвор од САД.

„Од 1 октомври ќе применуваме данок од 100 проценти за секој брендиран или патентиран фармацевтски производ… освен ако компанијата не ја изгради својата фармацевтска фабрика во Америка“, напиша Трамп синоќа на својата платформа True Social.

Во посебна изјава вчера, Трамп најави и воведување царини од 25 проценти за сите камиони произведени во други делови од светот, што, според него, е мерка што треба да ги поддржи американските производители на камиони.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Трамп тврди: Нема да дозволам Израел да го анектира Западниот Брег

Меѓу странските компании кои се натпреваруваат со американските производители на пазарот се шведскиот Volvo и германскиот Daimler.

Тој, исто така, има намера да воведе царини за голем број мебел, вклучувајќи 50 проценти за целиот кујнски мебел, мијалници за бања и сродни производи, и 30 проценти за тапациран мебел.

Овие нови царини го оживуваат стравот од инфлација во САД, водечката економија во светот, пишува France Presse.

Трамп си постави за цел да го оживее производството и индустријата во САД благодарение на неговите протекционистички политики, кои означуваат целосен пресврт на американската политика, која досега се стремеше да одржи отворена економија.

Неговата администрација воведе основни тарифи од 10 проценти за сите земји, со многу повисоки тарифи за голем број земји чиј извоз во САД го надминува увозот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Поранешниот директор на ФБИ обвинет, се соочува со долга затворска казна

Трамп воведе дополнителни тарифи за главните партнери на земјата, како што се Канада, Мексико, Европската Унија и Кина, со кои преговорите сè уште се во тек.

На крајот на август, според договорот меѓу Европската Унија и САД, беше утврдена тарифа од 15 проценти за фармацевтскиот сектор.

Тој договор што го постигна шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен со Трамп веќе беше жестоко критикуван од неколку земји-членки на ЕУ и европски индустријалци.

ЕУ возврати дека тоа е најдобриот договор што може да го постигне како одговор на трговските закани на САД.