Во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, денес започнува 80-то Генерално собрание, каде што ќе се соберат лидери од целиот свет.
Општата дебата започнува во 9:00 часот по локално време, односно во 15:00 часот по средноевропско време.
Претседател на овогодинешното Генерално собрание е Аналена Бербок, а на Генералното собрание ќе присуствуваат 150 шефови на држави и влади од целиот свет.
Меѓу учесниците се претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, кој денес ќе зборува на Генералното собрание, потоа премиерот на Шпанија, Педро Санчез, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, како и претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.
80-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, под темата „Подобро заедно: 80 години и повеќе за мир, развој и човекови права“, доаѓа во клучен момент за обновување на глобалната посветеност кон мултилатерализмот, солидарноста и заедничкото дејствување за луѓето и планетата.
Овогодинешната недела на високо ниво ја истакнува итната важност од исполнување на ветувањата од Целите за одржлив развој и повторно оживување на глобалната соработка.
Две клучни платформи ќе ги истакнат акциите и решенијата, а на општа дебата, светските лидери ќе ги презентираат своите ставови и приоритети во контекст на сложените и меѓусебно поврзани глобални предизвици.
Пред почетокот на Генералното собрание, традиционално во чест на шефовите на делегациите, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, организира прием.
Патем, на улиците на Њујорк, поради собирот на кој ќе зборува американскиот претседател Доналд Трамп, присуството на полицијата е зголемено.
Безбедносните мерки вклучуваат употреба на беспилотни летала, а поради затворањето на улиците, сообраќајот во делот од градот околу седиштето на Обединетите нации е отежнат.
Њујоршката полиција, во пресрет на оваа голема конференција, истакна дека специјалните сили ќе бидат распоредени во текот на целата недела, а поморските и воздушните сили се во целосна готовност.
Според најавите, антитерористичките единици ќе се грижат и за безбедноста на собирот.
Граѓаните се повикуваат да избегнуваат возење и да користат јавен превоз.
Патем, Обединетите нации годинава ја слават својата 80-годишнина, а Генералното собрание ќе трае до понеделник, 29 септември.