Мнозинството полски граѓани се против евентуалното приклучување на Украина кон НАТО, но би го поддржале нејзиното членство во Европската Унија, според резултатите од најновото истражување на јавното мислење на агенцијата IBRIS, спроведено за дневниот весник „Жечпосполита“.
Анкетата покажува дека 52,7 проценти од испитаниците се изјасниле против влезот на Украина во НАТО, додека 33,5 проценти го поддржале таков чекор.
Најголема поддршка за членството на Украина во Алијансата даваат гласачите на проевропската влада на премиерот Доналд Туск – 59 проценти од нив, додека поддржувачите на опозицијата во голема мера се противат на оваа опција, со дури 74 проценти негативни одговори, објавува „Еурактив“.
Иако владата на Доналд Туск силно ги поддржува евроатлантските амбиции на Киев, новиот претседател на Полска, Карол Навроцки, кој е поддржан од опозициската партија „Право и правда“ (ПиС), изрази скептицизам во врска со кандидатурата на Украина за членство во НАТО.
Од друга страна, кога станува збор за Европската Унија, 51 процент од Полјаците ја изразиле својата поддршка за пристапувањето на Украина, што е малку под европскиот просек од 52 проценти, според податоците од најновото истражување на Евробарометар.
Според овие резултати, највисоко ниво на поддршка за пристапувањето на Украина во ЕУ е забележано во нордиските и балтичките земји – дури 91 процент во Шведска, 81 процент во Данска и Финска, 72 проценти во Литванија, 64 проценти во Латвија и 61 процент во Естонија.
Најголем број противници се наоѓаат во Унгарија и Чешка, каде што 64 проценти од испитаниците се изјасниле против членството на Украина во ЕУ.