Најмалку илјада луѓе ги загубија животите во катастрофално лизгање на земјиштето во планините Мара во западен Судан, соопшти Движењето/Армијата за ослободување на Судан (SLM/A), кое го контролира регионот.
Според нив, неколкудневните обилни дождови предизвикаа лизгање на земјиштето во неделата кое целосно го уништи селото Тарасин. Само едно лице ја преживеа трагедијата, објавува BBC.
Движењето апелираше до Обединетите нации и други меѓународни и регионални организации за итна хуманитарна помош.
Бегство во планините
Многу жители на Северен Дарфур веќе побараа засолниште во планините Мара, бегајќи од војната меѓу суданската армија и паравоените сили што ја уништува земјата со месеци.
Оваа катастрофа дополнително ја влоши веќе тешката хуманитарна ситуација во регионот, каде што голем број луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови дури и пред катастрофата.