Германската влада усвои Предлог-закон со кој се воведува систем на доброволно служење во војска, со можност за воведување и регрутација доколку не се исполнат целите за регистрација, објавија официјални лица.
Според планот на германското Министерство за одбрана, програмата предвидува шест месеци доброволно служење во војска, објави Ројтерс.
Целта е да се зголеми бројот на обучени резервисти од сегашните 100.000 на околу 200.000, со очекување дека дел од волонтерите ќе останат во активна служба.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека сака да го зголеми бројот на припадници на Бундесверот од сегашните 180.000 на 260.000 до почетокот на 2030 година, со цел да се исполнат новите цели на НАТО и да се подобри националната безбедност.
Тој план е дел од поширока стратегија за зголемување на воените трошоци и зајакнување на одбранбените капацитети на Германија, соопшти надлежното министерство.
Како што беше претходно наведено, според нацрт-законот, почнувајќи од 1 јануари 2026 година, сите 18-годишни мажи ќе бидат обврзани да пополнат онлајн прашалник кој ќе вклучува прашања за нивните интереси, физичка подготвеност и способности.
Оние кои ќе се докажат како соодветни за службата ќе бидат повикани на лекарски преглед, кој ќе стане задолжителен од јули 2027 година.
Германија нуди многу подобри услови од порано
За да привлече волонтери, Германија ќе понуди значително подобри финансиски услови.
Војниците ќе имаат зголемување на платата, со нето месечна плата од 2.700 евра, што е значително повеќе од сегашните 1.840 евра.
Исто така, ќе им биде обезбеден бесплатно сместување, оброци и превоз, додека оние кои ќе потпишат договор на 12 месеци ќе можат да добијат до 3.500 евра за возачка дозвола.