Министерството за надворешни работи на Израел вчера објави дека го намалува нивото на дипломатски односи со Бразил, откако таа јужноамериканска земја одби да ги одобри акредитивите на израелскиот кандидат за амбасадор во Бразил, објавува „Тајмс оф Израел“.
„Бидејќи Бразил, невообичаено, не одговори на барањето на амбасадорот Гали Даган за агреман, Израел ја повлече својата кандидатура, а односите меѓу двете земји сега се водат на пониско дипломатско ниво“, се наведува во соопштението за медиумите.
Во истиот текст, министерството истакна дека „критичкиот и непријателски став на Бразил кон Израел“ по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, дополнително е зајакнат со изјавите на бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва.
Бразилскиот претседател непожелен во Израел
Израел му додели статус на персона нон грата на Лула откако го обвини Ерусалим за „геноцид“ во Газа, велејќи дека единствената историска споредба била „кога Хитлер одлучил да ги убие Евреите“.
„Сепак, Министерството за надворешни работи продолжува да одржува длабоки односи со бројните пријатели на Израел во Бразил“, се вели во соопштението.
Бразилија сè уште не реагирала на одлуката на Израел. Бразил го повлече својот амбасадор од Израел минатата година и сè уште не назначил нов.
Како што пишува „Тајмс оф Израел“, расколот потсетува на 2015 година, кога Бразил одби да ги прифати акредитивите на израелскиот амбасадор Дани Дајан, поранешниот шеф на здружението на градоначалници на населбата Јеша.
Израел потоа ја повлече кандидатурата на Дајан и го назначи Јоси Шели на негово место.
А Шели подоцна се најде во центарот на контроверзии, вклучително и кога беше амбасадор во Обединетите Арапски Емирати, каде што наводно ги налутил тамошните службеници со кршење на безбедносните протоколи и однесување „непристојно“ во бар.