Норвешката влада ќе предложи 7,2 милијарди евра да бидат наменети за помош на Украина во 2026 година, како и оваа година, објави денес канцеларијата на премиерот Јонас Гар Сторе, на денот кога тој е во посета на Киев.
Доколку предлогот биде усвоен од парламентот, вкупната норвешка помош за Украина, цивилна и воена, ќе се зголеми на повеќе од 23 милијарди евра за периодот од 2023 до 2030 година.
Во изјава, норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе ја нагласи важноста на силната и континуирана помош за Украина на политичко, економско и воено ниво во време кога се водат преговори за прекин на конфликтот, а Русија сè уште интензивно го напаѓа.
Средба со Зеленски
Во текот на денот, Сторе треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.
Предложениот план за спасување од страна на норвешката лабуристичка влада, која е во малцинство во парламентот, мора да биде вклучен во нацрт-буџетот за 2026 година, кој ќе биде презентиран во октомври.
Во меѓувреме, на 9 септември ќе се одржат парламентарни избори, кои, според анкетите, ќе бидат многу тесни.
Помошта за Украина е прашање кое ужива речиси едногласна поддршка во Норвешка, која граничи со Русија.
Осло вчера објави дека ќе издвои речиси 600 милиони евра за зајакнување на украинската воздушна одбрана, поточно за купување заедно со Берлин два комплетни системи „Патриот“.