На градскиот плоштад во Куманово, вчеравечер се одржа јубилејното, 30-то издание на фестивалот на народна хумористична песна „Тумба фест 2025“, во организација на Здружението за уметност, култура и заштита на културното наследство „Етно ризница“ Куманово, со поддршка на Општината.
Под мотото „Да пееме и да се смееме“, љубителите на музиката имаа можност да уживаат во 18 фестивалски рефрени, напишани на различни македонски дијалекти и изведени од пејачи и драмски уметници од Македонија и Србија.
На свеченоста беа доделени и традиционалните признанија. Првата награда за најслушана песна „Неста Ресенска“, меѓу двата фестивала, ја освоија Ташко Каранфиловски и „Астра бенд“. Наградата ја врачи раководителот на општинската администрација, Александар Крстевски.
Особено внимание предизвика врачувањето на признанието за животно дело на музичкиот уметник, композитор и текстописец Миле Барбаровски, еден од основачите на фестивалот. Наградата ја додели претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, како благодарност за неговата повеќедецениска посветеност, соработка и значаен придонес во развојот на фестивалот и зачувувањето на музичкото наследство.
Никола Ивановски