Шест отсечени машки глави се пронајдени на патот што ги поврзува мексиканските држави Пуебла и Тласкала, објавија локалните власти.
Полицијата не прецизираше можен мотив за убиствата, ниту ја идентификуваше одговорната криминална група, пишува Би-Би-Си.
Сепак, според локалните медиуми, до телото е пронајдено ќебе со предупредувачка порака до соперничките банди, очигледно потпишана од група наречена „Ла Баредора“, односно „чистачот“.
Иако истата група дејствува во западната држава Гереро, сè уште не е потврдено дека тие се одговорни за нападот.
Обвинителството на Тласкала објави дека е започната истрага, а федералните власти досега не го коментирале случајот.
Регионот каде што се пронајдени телата се смета за помирен во споредба со деловите од Мексико погодени од интензивно насилство на бандите, како што се Синалоа и Гуанахуато.
Покрај трговијата со дрога, областа има проблем и со шверцот со гориво, познат како „хуачиколео“, кој им носи приход од повеќе милиони долари на нелегалните групи.
Во јуни, во Синалоа беа пронајдени тела на 20 лица, вклучувајќи четири обезглавени жртви, додека во мај, седум млади беа убиени за време на пукање на црковен настан во Гуанахуато.
Насилството меѓу картелите во Мексико ескалираше во последните години, со стотици илјади убиени и десетици илјади исчезнати од 2006 година, кога владата за прв пат ја распореди војската за борба против нарко-бандите.