Во пресрет на Денот на Армијата, 18 август, македонските одбранбени капацитети добија значително засилување со испораката на 29 нови лесни оклопни возила, набавени преку соработка со САД.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски соопшти дека со оваа достава вкупниот број на лесни оклопни возила во Армијата се зголеми на 67, од предвидените 96 колку што опфаќа проектот.
– Очекуваме до крајот на годината да пристигнат и останатите возила, вклучително и дел од американските „Страјкер“, што ќе го комплетираат потребниот капацитет“, рече Мисајловски.
Возилата што беа презентирани во касарната „Јане Сандански“ во Штип се наменети за Лесната пешадиска батаљонска група – декларирана единица која ќе биде подготвена за меѓународни мисии.
Мисајловски најави и дополнителни инвестиции во специјалните сили, беспилотни системи, опрема за сајбер-заштита, лесно пешадиско вооружување и средства за лична заштита.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека вложувањето во Армијата значи вложување во траен мир, стабилност и одбрана на државата.
– Модернизацијата на вооружените сили оди паралелно со изградбата на Коридорите 8 и 10, кои ќе обезбедат стратешка логистика за Јужното крило на НАТО, рече Мицкоски.
И премиерот и министерот се заблагодарија на американската поддршка, нагласувајќи дека партнерството со САД останува клучен двигател во процесот на модернизација на Армијата.
Никола Ивановски