Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Русија „ја доби војната во Украина“, оценувајќи дека единственото прашање е кога и под кои околности Западот ќе го признае тој исход и што ќе произлезе од него. Орбан го кажа ова на YouTube каналот „Патриот“.
Според него, јавноста често зборува како конфликтот да нема крај, „но не е така“.
„Украинците ја загубија војната. Русија ја доби оваа војна“, изјави унгарскиот премиер.
Тој додаде дека неговата изјава е дадена пред претстојната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.
Орбан потсети дека е сам меѓу лидерите на земјите од ЕУ кои не ја поддржаа заедничката изјава во која се наведува дека Украина треба да има слобода да одлучува за својата иднина, објаснувајќи дека ваквите апели ја прават Европа „смешна и мизерна“.
Унгарија, која купува најголем дел од својата енергија од Русија, одби да испрати оружје во Украина.
Орбан, исто така, остро се спротивставува на влезот на Украина во Европската Унија, тврдејќи дека тоа би предизвикало сериозна штета на унгарските земјоделци и пошироката економија.
Оценувајќи го поширокиот дипломатски контекст, Орбан рече дека Европа „ја пропуштила можноста“ да преговара со Владимир Путин под водство на поранешниот американски претседател Џозеф Бајден и дека сега постои ризик одлуките за иднината на Европа да се носат без учество на самите Европејци.
„Ако не сте на преговарачката маса, сте на менито“, рече унгарскиот премиер.
„Кога двајца лидери седнуваат да преговараат – Американците и Русите – и не сте поканети, тогаш не брзате да се јавите на телефон, не трчате наоколу и не викате однадвор“, додаде Орбан.