Девет лица загинаа, а седум се повредени во силна експлозија што се случи во фабриката за експлозивни материјали „Енаекс Бразил“, во градот Кватро Барас, недалеку од градот Куритиба, во Бразил, потврди компанијата.
Според соопштението на Енаекс, објавено доцна синоќа по локално време, меѓу жртвите се шест мажи и три жени.
Несреќата се случила во вторник околу 5:50 часот по локално време, во зграда од 25 квадратни метри каде што се подготвувале експлозиви за транспорт, изјави командантот на Противпожарната бригада на бразилската држава Парана, полковник Хилер, објави денес порталот G1.
Како што е објавено, зградата е целосно уништена во експлозијата, а блиските куќи и деловни простории претрпеле значителна штета.
Според информациите од локалните власти, три лица кои биле надвор од центарот на експлозијата добиле полесни повреди.
Капетанот на Противпожарната служба на Луизијана објави дека имало и пожар во зградата, кој е локализиран.
Поради ризикот од нови детонации, потрагата по телата на загинатите започна дури откако експертите утврдија дека повеќе нема опасност за спасувачите.
Индустрискиот директор на компанијата „Енаекс Бразил“, Данијел Оливеира, изјави дека фабриката организирала тим психолози кои им даваат поддршка на семејствата на жртвите, а дека сите повредени се префрлени во болници и се во стабилна состојба.
„Сите сме шокирани. Ова е голема трагедија за нашата компанија, за заедницата и за сите вработени“, рече Оливеира.