Грција во пламен: Над 4.800 пожарникари на терен, десетици граѓани евакуирани!

Сподели со своите пријатели

Пожарникарите низ цела Грција продолжија да се борат со пожари што избувнаа на неколку локации низ земјата синоќа, додека високите температури, сушата и бурните ветрови дополнително ја влошија ситуацијата, а десетици граѓани беа евакуирани, од кои некои беа примени во болница.

Loading...

Според најновите податоци од Грчката противпожарна служба, вкупно 4.850 пожарникари се ангажирани во операциите за гаснење од утрово.

Досега, преку системот 112 се испратени 34 итни предупредувања, а евакуации се наредени во областа на Кефалонија, Закинтос, Арта, Превеза, Воница, Етолика, Солун, Хиос и Ахаја, објавува денес грчкиот „Катимерини“.

Полицијата, армијата и крајбрежната стража успешно евакуираа десетици граѓани од загрозените подрачја.

Најмалку 46 лица се хоспитализирани, додека медицински екипи со амбулантни возила се распоредени во погодените подрачја за да обезбедат итна помош.

Најголемите активни пожари се регистрирани во Ахаја, Закинтос и Хиос, додека тешки услови се регистрирани и во областите Превеза, Кефалонија, Воница, Арта и Етолика.

Особено тешка ситуација е забележана во Западна Ахаја, каде што од вторник вечерта се активни три големи пожари.

Општината Патра објави дека локалното средно и основно училиште во јужниот дел на градот ќе останат отворени за прием на граѓани погодени од пожарите, а отворен е и општинскиот приемен центар за сместување на евакуирани жители.

Loading...

На Закинтос, голем пожар избувна во шумската област Килиомено, каде што беа евакуирани сите туристички објекти во зоните Агалас и Кери, а туристите беа преместени во други хотели.

Евакуации беа извршени во неколку села, а најмалку 62 лица беа евакуирани со чамци.

Поради големиот број пожари и сложените услови, сите противпожарни служби во земјата, болниците и единиците за цивилна заштита се во состојба на општа подготвеност.

Преку Европскиот механизам за цивилна заштита, Грција побара помош во форма на четири авиони за гаснење пожари.

Во вонредно обраќање до медиумите, портпаролот на Противпожарната служба изјави дека се во тек обемни истраги, спроведени од Дирекцијата за борба против палежи, во соработка со локалните полициски единици, особено во регионите на Етолија, Акарнанија и Епир, каде што постојат сериозни сомневања за намерни пожари поради голем број истовремени пожари.