Стотици луѓе се евакуирани од своите домови во департманот Од во јужна Франција, каде што веќе трет ден беснее рекорден пожар, соопштија локалните власти.
Во пожарот загина 65-годишна жена, додека три лица се водат како исчезнати, вкупно 13 лица се повредени, вклучувајќи двајца цивили и единаесет пожарникари.
Во ноќта помеѓу среда и четврток, во 17 општини беа отворени центри за привремено сместување, со капацитет за 1.759 лица, додека противпожарните и спасувачките служби на терен се во полна сила, јавува денес BFM TV.
„Сите расположиви копнени и воздушни ресурси се распоредени“, соопштија локалните власти во извештај.
Во моментот кога пожарот беше најинтензивен, беа распоредени 2.100 пожарникари со 500 возила, а од воздух беа лансирани вкупно 130 водни млазници.
Властите забележуваат дека евакуациите во вакви ситуации се стандардна мерка за заштита на населението.
Иако интензитетот на пожарот делумно се намали, неговото ширење продолжува, а за денес е планирано понатамошно зајакнување на операциите за гаснење.
За време на обиколката на погоденото подрачје, премиерот Франсоа Бајру предупреди дека станува збор за „настан директно поврзан со климатските промени и сушата“, нагласувајќи дека станува збор за „невидена“ катастрофа.
Според официјалните податоци, ова е најсериозниот шумски пожар во Франција од 2006 година, кога започна систематското евидентирање на вакви инциденти, и најтешкиот за медитеранскиот дел од земјата од 1970-тите, пренесува Танјуг.