По вчерашниот натпревар меѓу кошаркарските репрезентации на Македонија и Романија, одигран во новоотворената реконструирана спортска сала во Куманово, со реакции се јавија и домаќинот и организаторот на настанот – Општина Куманово и Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), остро осудувајќи го како што велат „непримерното однесување на дел од публиката“.
Во заеднички тон, двете институции изразија жалење и се оградија од националистичките скандирања што беа забележани за време на натпреварот.
На спортските терени нема и несмее да има место за ширење на национализам и меѓуетничка нетрпеливост.
„Вчера во Куманово беше пуштена во употреба реконструираната спортска сала со натпревар на националниот кошаркарски тим против тимот на Република Романија. Организатор на настанот беше Македонска Кошаркарска Федерација а домаќин на настанот Општина Куманово. Настанот помина во позитивна атмосфера и истиот беше една убава одамна незабележана слика во македонскиот спорт. За жал ден подоцна воочуваме дека на натпреварот во еден момент од одредени поединци во публиката има скандирање на неприфатливи пароли со кои се подгрева етничка нетрпеливост во општина која се темели на мултиетнички вредности. Во оваа прилика Општина Куманово јавно ги осудува ваквите скандирања и се оградува од истите во својство на домаќин на настанот. Куманово бил и ќе биде град на сите негови жители без разлика на нивната етничка припадност а спортот и културата ќе ги користи да ги обединуваат граѓаните како и до сега“, стои во соопштението на Општина Куманово.
Со сличен став излезе и Кошаркарската федерација на Македонија. Од таму нагласуваат дека ваквото однесување не го претставува духот, вредностите и идентитетот на федерацијата, ниту пак ја отсликува вистинската слика за македонските навивачи.
„Раководството на Македонската кошаркарска федерација се оградува и го осудува непримерното и националистичко однесување на мал дел од навивачите на натпреварот Македонија-Романија, одигран на 2. август, 2025 година во Куманово. Ние, како Македонска кошаркарска федерација, длабоко жалиме, и најостро се оградуваме од непримерното и националистичко однесување на дел од навивачите што беше забележано за време на натпреварот одигран на 2.август, 2025 година, помеѓу сениорските репрезентации на Македонија и на Романија, во Куманово. Таквите постапки не го претставуваат духот, вредностите и идентитетот на нашата федерација, ниту го отсликуваат мнозинството од нашите навивачи, кои секогаш ќе бидат пример за спортска култура и поддршка. Националистички пароли, говор на омраза и поттикнување нетрпеливост, немаат место ниту на трибините, ниту во спортот, воопшто. Ги повикуваме сите навивачи, да се воздржат од слични постапки во иднина и да дадат свој придонес во создавање на позитивна, безбедна и инклузивна атмосфера на стадионите и салите. Истовремено, секогаш ќе соработуваме со надлежните институции за идентификација на инволвираните лица како во иднина не би се случувале вакви изолирани настани. Повторуваме: спортот обединува – не дели. Нашата заедничка цел е, фер натпревар, меѓусебна почит и достоинствено претставување на нашите бои“, стои во соопштението на КФМ.
Никола Ивановски