Граѓаните на Исланд се сè повеќе подготвени да го поддржат повторното отворање на преговорите за пристапување кон Европската Унија, изјави министерката за надворешни работи Торгердур Катрин Гунарсдотир во интервју за Политико, по повод најавената официјална посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Би рекла дека постои јавна поддршка за повторно започнување на преговорите“, нагласи Гунарсдотир, додавајќи дека новото отворање на преговорите би било „од клучно значење кога станува збор за геополитичката ситуација“.
Таа потсети дека Исланд веќе „доста напреднал“ во претходниот процес на пристапување во ЕУ, кој траеше од 2010 до 2013 година.
За потсетување, Исланд аплицираше за членство уште во 2009 година, и иако беше постигнат значителен напредок за краток временски период, преговорите беа прекинати по четири години.
Промената во ставот на сегашната влада, како што е наведено, делумно е предизвикана од надворешни околности – вклучувајќи ги геополитичките закани како онаа на поранешниот американски претседател Доналд Трамп дека САД би можеле да го „преземат Гренланд“, како и глобалната економска неизвесност предизвикана од трговските војни.
Најновите анкети покажуваат значителна промена во ставот на граѓаните кон Европската Унија.
Додека од 2013 до 2021 година Исланѓаните беа претежно против членството, според анкетата на јавното мислење од декември 2024 година, 58 проценти од граѓаните ја поддржуваат организацијата на референдум за пристапување во ЕУ, 53 проценти ја поддржуваат воведувањето на еврото како официјална валута, а 45 проценти би гласале директно за членство.
Сегашната исландска влада ја сочинуваат Социјалдемократскиот сојуз, Народната партија и проевропската партија Видреисн.
Нивниот коалициски договор предвидува свикување референдум за членство во ЕУ до 2027 година, иако Народната партија официјално останува против пристапувањето во Унијата.