Четири интервенции вчера имале кумановските пожарникари, информираат денеска од Регионалниот центар за управување со кризи.
Во атарот на селото Четирце горела сува трева. Интервенирале тројца пожарникари во период од 13:10 до 13:55 часот.
Сува трева горела и во атарот на селото Пчиња. Таму исто така интервенирале тројца пожарникари.
Во липковско Виштица гореле сува трева и стрниште. Пожарникарите интервенирале во период од 15:25 до 17:34 часот.
Поголема интервенција имале во атарот на липковско Ваксинце бидејќи таму горела сува трева во близина на воените магацини. На терен интервенирале дури 11 пожарникари со четири противпожарни возила. Интервенцијата започнала во 18 часот и траела некаде до 23:40.
Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи, ноќва горела шума во селото Виштица, но на многу непристапен терен.
– Една екипа од Шумско стопанство до 24 часот беше присутна на терен, но поради лоша конфигурација на теренот како и непристапрост за гаснење се повлече. Во раните утрински часови во 06:20 часот две екипи со две возила и девет вработени беа на местото на настанот, велат од РЦУК.
Пожарот утринава, како што потенцираат, не бил активен, но екипите ќе останат на терен во случај повторно да се реактивира.
Во меѓувреме пожарникарите на ТППЕ Старо Нагоричане во текот на вчерашниот ден го догаснувале повторно активираниот пожар во стара куќа во Стрновац. Интервенирале двајца пожарникари во период од 13 до 15 часот.
Никола Ивановски