Северна Кореја го суспендираше влезот на странски туристи во неодамна отворениот туристички комплекс Вонсан-Калма на источниот брег.
Официјалната веб-страница на „Кореја тур“, која ја водат севернокорејските туристички власти, соопшти дека комплексот „привремено нема да прифаќа странски туристи“, објави Ројтерс.
Не е прецизирано колку долго ќе трае забраната, ниту кои се причините за нејзиното воведување.
Комплексот може да прими до 20.000 гости и е отворен за домашни туристи од 1 јули.
Мала група руски туристи престојуваше таму минатата недела.
Се очекуваше дека наскоро ќе биде отворен за кинески туристи, додека другите странски туристи нема да можат да останат во комплексот.
Забраната следеше по посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој го обиколи комплексот и се сретна со Ким Џонг Ун и министерот за надворешни работи Чое Сон Хуи.
За време на состанокот, Лавров ја нагласи својата поддршка за руските туристи да го посетат комплексот.
Сепак, експертите веруваат дека Пјонгјанг одлучил да го забрани влезот на странски туристи, вклучително и Руси, откако руски новинар изјави дека некои посетители биле мобилизирани од севернокорејските власти и не биле вистински туристи.
„Севернокорејската влада процени дека отворањето на комплексот за странци може да предизвика негативни последици“, рече Ох Гјеонг Сеоб, аналитичар во Корејскиот институт за национално обединување во Сеул.
Сепак, експертите веруваат дека забраната нема да трае долго, бидејќи Северна Кореја мора да дозволи пристигнување на руски и кинески туристи за да ги покрие трошоците за инвестирање во комплексот.
Ким Џонг Ун претходно го опиша комплексот како „горд прв чекор“ во развојот на туризмот, а државните медиуми објавија дека локацијата веќе привлече голем број локални туристи.
Северна Кореја полека ги ублажува ограничувањата поради пандемијата и постепено ги отвора своите граници, но сè уште не објави целосно враќање на меѓународниот туризам.
Групните тури од Кина, кои пред пандемијата сочинуваа повеќе од 90 проценти од странските посети, сè уште се суспендирани.
Во февруари беше дозволена кратка посета на мал број меѓународни туристи на градот Расон, но програмата беше прекината по еден месец, пренесува Танјуг.