Тајни состаноци, изменети записници, игнорирани разузнавачки извештаи – приказната за политичките пресметки на израелскиот премиер од 7 октомври до денес.
Во голема истражувачка сторија на „Њујорк тајмс“, тројца новинари – Патрик Кингсли, Ронен Бергман и Натан Оденхајмер – откриваат како Бенјамин Нетанјаху донел одлуки во клучните моменти од војната во Газа, кои, според тврдењата на повеќе од 110 соговорници од Израел, САД и арапскиот свет, му служеле на неговиот политички опстанок повеќе отколку на интересите на државата или армијата.
Во април 2024 година, Нетанјаху беше подготвен да прифати примирје кое ќе ја запреше војната во Газа шест недели, ќе дозволи ослободување на десетици заложници и ќе ја отвори вратата за историски мировен договор со Саудиска Арабија.
Но, соочен со заканата од соборување на владата од страна на крајно десничарските коалициски партнери, тој одлучи да се откаже од планот – тивко.
„Ако ни биде презентиран предлогот за капитулација, владата е завршена“, рече министерот за финансии Безалел Смотрих.
Нетанјаху веднаш одговори: „Нема таков предлог. Никаков“.
И тајно им нареди на своите советници за безбедност: „Не го откривајте планот“.
Авторите на текстот наведуваат три клучни заклучоци:
– Нетанјаху го толерираше и го зајакнуваше Хамас со години пред војната, дозволувајќи му простор за подготовка.
– Неговата кампања против судството дополнително ги ослабна државата и армијата.
– За време на војната, тој донесе клучни одлуки во согласност со сопствените интереси – да избегне избори, судење и губење на власта.
И додека војната, најдолгиот интензивен конфликт во историјата на Израел, досега одзеде животи на повеќе од 55.000 Палестинци – меѓу нив речиси 10.000 деца
– Нетанјаху ја зајакна својата позиција. Денес тој е политички посилен од кога било: одржува кревко мнозинство, влијае врз судството и – најважно – сè уште е на власт.