Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, се обидува да протурка укинување на американските енергетски санкции кон Русија, објави Politico, повикувајќи се на два добро информирани извори.
Овој потег е дел од поширока дискусија во рамките на администрацијата на Трамп за начинот на однос кон Москва среде војната во Украина.
Додека Виткоф се залага за олеснување на санкциите, други во администрацијата имаат спротивен став.
Според Politico, министерот за внатрешни работи Даг Бургум смета дека САД треба да ја намалат зависноста од рускиот увоз, а не да ја зголемуваат трговијата.
Иако за време на кампањата ветуваше дека ќе го запре војниот конфликт во Украина за 24 часа, Трамп досега не постигна значаен напредок кон примирје.
По речиси седум месеци од неговиот мандат и неколку рунди мировни преговори меѓу Русија, Украина и САД, договор за прекин на огнот сè уште не е постигнат.
Москва продолжува да ги засилува нападите врз украинските градови.
Русија вчера изведе еден од најголемите воздушни напади врз Украина, само неколку часа откако Трамп и рускиот претседател Владимир Путин разговараа телефонски.
На прашање на новинарите дали бил постигнат некаков напредок во разговорот, Трамп одговори: „Не, денеска ништо не постигнав со него.“
Загриженост во Брисел
Енергетскиот сектор на Европа е клучна тема во оваа дебата.
Според Politico, Москва е во рана фаза на преговори со Вашингтон за евентуално повторно активирање на проектот за гасоводот Северен тек, со поддршка од американски инвеститори. Оваа идеја предизвика загриженост во Брисел.
Еден висок функционер на Европската унија наводно предупредил дека Трамп и Путин дејствуваат како да сакаат „да го подели европскиот енергетски пазар и да создадат одделни сфери на влијание“.
Виткоф, поранешен инвеститор во недвижности кој стана пратеник, предизвикал сомнежи и во Вашингтон и во странство поради начинот на кој води високи преговори со Русите.
Како што извести NBC News во мај, на неколку состаноци со Путин, вклучувајќи ја и посетата на Москва на 26 април — ден по рускиот ракетен напад во кој загинаа 12 цивили во Киев — се користеле преведувачи обезбедени од руската страна.
Администрацијата на Трамп засега не воведува нови санкции кон Русија, и покрај тоа што Путин и понатаму ги отфрла повиците за прекин на огнот.