Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, денеска најави можност за воведување данок за немажени и неженети лица, како дел од пошироката стратегија за справување со демографската рецесија што ја зафаќа државата.
На јавен настан со претставници од институциите, експерти и соработници, Мицкоски посочи дека Македонија се соочува со „тивка, долготрајна и системска криза“, која ја нарече „една од најголемите закани за иднината на државата“.
„Во 2024 година се родија 16.061 дете, а починаа 20.201 лице. Тоа е природен пад од 4.140 луѓе за само една година. Во последните четири години изгубивме повеќе од 33.000 жители – како да исчезна цел град од големина на Кичево или Кавадарци“, изјави премиерот.
Тој нагласи дека ова не е само статистички проблем, туку „тишина што се шири“.
„Сè помалку луѓе стапуваат во брак, сè помалку деца се раѓаат, а сè повеќе граѓани живеат сами. Ова е резултат на децении негрижа, на институции што не нуделе надеж, туку ја одземале“, додаде Мицкоски.
Во обид да се спречи натамошниот пад и да се стимулира наталитетот, тој најави конкретни мерки, меѓу кои и воведување дополнителен данок за лицата кои не се во брак.
„И тука сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети“, истакна Мицкоски. „Целта не е казна. Целта е мотивирање. Да им дадеме на младите причина да создадат семејства, да останат тука и да градат живот.“
Тој потенцираше дека оваа борба не се води само од едно министерство, туку е задача на целото општество:
„Оваа битка се води во градинките, училиштата, родилиштата, домовите, па дури и на граничните премини, каде секојдневно се простуваат мајки и синови.“
Мицкоски заклучи дека Владата нема повеќе да го игнорира проблемот и ќе дејствува со „намерна, постојана, државничка борба“.
„Време е за држава што ќе раѓа. Време е за иднина. За Македонија со повеќе деца, повеќе млади во брак и повеќе гласови на живот, а не на тишина“, рече премиерот.