Соединетите Американски Држави ја суспендираа испораката на дел од оружјето што претходната администрација вети дека ќе го испрати во Украина.
Киев наведува дека не биле официјално информирани за одлуката, но и дека таквата одлука ја охрабрува Русија.
Москва ја поздрави одлуката.
Ракетиte „Hell Fire“, прецизна артилерија и, најважно, ракетните системи „Патриот“ Америка нема да испрати во Украина како што вети.
Одлуката е донесена, објави Белата куќа, по преглед на воената поддршка и помош за странски земји.
„Политико“, од друга страна, пишува дека внатрешната проценка на Пентагон утврдила дека некои залихи се премногу ниски за тоа оружје да биде испратено во Украина, објавува Н1.
„Оваа одлука е секако многу непријатна за нас. Особено е болна со оглед на терористичките напади на Русија врз Украина, мирните градови, селата, граѓаните на Украина кои умираат речиси секој ден во овие терористички напади“, вели пратеникот Федир Вениславски.
„Колку што разбираме, причината за таа одлука се празните магацини, магацините каде што се чува ова оружје. Во секој случај, колку помалку оружје се дава на Украина, толку е поблиску крајот на специјалната воена операција“, вели портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Граѓаните на Украина не се изненадени.
„Не сум изненаден, да бидам искрен. Некако го очекував тоа, особено ако ги земеме предвид случувањата во последните 3-4 месеци. Соработуваме со европските партнери и мислам дека нашето раководство виде дека ова ќе се случи, нестабилното однесување на Трамп и неговиот тим и нивните внатрешни спорови“, вели Настја Ишченко.
„Ако дојдеме во ситуација каде што повеќе нема противвоздушна одбрана, ќе се иселам од Киев, бидејќи мојата безбедност е на прво место“, вели Оксана Курочкина.
Системите „Патриот“ се од клучно значење за Украина, од кои, според извештаите, има шест до осум. Тие ја штитат критичната инфраструктура и големите градови – и се незаменливи при соборување на ракетите „Кинжал“.
„Секој трансфер на ова оружје според меѓународните правила за трговија и снабдување со оружје мора да биде одобрен од производителот. Тоа е, ако САД го одобрат трансферот на овие системи во земјите што ги имаат, тогаш Украина има шанса да ги добие“, вели Вениславски.
Украина би можела да добие ракети „Патриот“ од европските земји или Израел, ако САД дадат зелено светло за тоа.
Одлуката за суспендирање на помошта доаѓа во време на интензивни руски напади врз Украина.