Островскиот ланец на југозапад од Јапонија беше погоден од повеќе од 1.000 земјотреси, скоро две недели откако во тој регион започнаа чести потреси, соопшти денеска Јапонската метеоролошка агенција.
Многу земјотреси беа регистрирани и денеска, од кои еден достигна јачина од 4 според јапонската скала од 7, кој го погоди островот Акусеки, дел од архипелагот Токара во префектурата Кагошима, пишува јапонската новинска агенција Киодо.
Метеоролошката опсерваторија во дистриктот Фукуока предупреди дека населението треба да остане внимателно поради продолжување на сеизмичките активности во тој регион.
Овој регион од 21 јуни беше погоден од стотици потреси, вклучувајќи неколку посилни удари во среда, кои беа регистрирани со јачина помала од 5 според скалата.
Најсилниот земјотрес во оваа серија имаше јачина од 5,5 степени според Рихтеровата скала и се случи на длабочина од 10 километри во префектурата Кагошима, пренесува NHK.
Не е издадено предупредување за цунами, ниту пак засега има извештаи за евентуални материјални штети или повредени лица.